Веќе сме на средина на предизборната кампања за избор на идниот шеф на државата. И некако кампањата се одвива монотоно, а на моменти дури и здодевно. А можеби и затоа повеќе впечаток прават други теми како веста за апсењето на Џулијан Асанж, основачот на популарниот Викиликс. Само за потсетување, Викиликс е меѓународна невладина и медиумска организација што публикува тајни информации и документи што се обезбедуваат од анонимни извори. Оваа организација од нејзиното основање во 2006 година објавува цензурирани или на друг начин ограничени официјални владини материјали што се однесуваат на војната, шпионажа и корупција.

Викиликс за нас како држава е интересен по објавите во врска со прашањето за спорот со државното име. Викиликс објави неколку документи, а од коишто може да разбереме дека „главната кујна“ за изнаоѓање на решение за деценискиот спор со името била „амбасадата на калето“. Викиликс исто така објави дека нашиот сегашен министер за надворешни работи бил човек од доверба на главната кујна и дека тој ги знаел тајните состојки за изнаоѓање на решението. И сето тоа се потврди во реалноста кога оваа власт го постави за министер за надворешни работи и кога тој го стави својот потпис на договорот од Преспа. И како после тоа да не веруваме на Викиликс.

Викиликс од 2006 година па наваму успеа да објави повеќе од 10 милиони документи и со нив поврзани анализи. Според зборовите на основачот Асанж: „Викиликс е џиновска библиотека на најжестоките документи во светот. Ние им даваме азил на овие документи, ги анализираме, ги промовираме и добиваме повеќе“. Оваа организација има врски со повеќе од 100 медиумски организации од целиот свет. А токму тоа им дава моќ на изворите на оваа организација да преговараат, да имаат влијание и техничка заштита што поинаку би било тешко или невозможно да се постигне. Викиликс, нејзиниот издавач и неговите новинари имаат освоено и многу светски награди. Викиликс прима пофалби, но исто така и критики. Пред се, Викиликс е критикувана поради разоткривањето на доверливи информации, загрозувањето на националната безбедност и изложувањето на ризик на меѓународната дипломатија.

Асанж стана еден од најбараните луѓе на светот кога во 2010-тата неговиот Викиликс буквално го соголи Вашингтон со објавувањето на неколку стотици илјади доверливи документи на американската дипломатија. По речиси седум години поминати во еквадорската амбасада, британската полиција го уапси. Сега на уапсениот Асанж му се заканува долгогодишна затворска казна.

За крај ќе додадам нешто што го споделувам и со моите студенти, кажувајќи им како што нафтата влијае врз светската политика и дипломатија во текот на последните 100 години, така денес, а и во иднина ќе имаат влијание податоците и информациите од тие податоци. Денес податоците и информациите се новата нафта. Тие се во суштината на современите случувања и се повеќе го обликуваат политичкиот и економскиот живот. Како што секојдневно се создаваат, чуваат и обработуваат се повеќе дигитални податоци, така управувањето со овие податоци има и ќе има се поголемо и поголемо влијание врз светската политика и дипломатијата. Така останува во иднина за брзо времето да покаже, а историјата да пресуди кој и што ни готвел, а и во кои кујни.