Не требаше да помине многу време, само два дена, па премиерот Зоран Заев фројдовски да ни каже, за што меѓу другото разговарал со грчкиот министер за надворешни работи Никос Дендиас.

По се изгледа, наспроти сето изразено задоволство од промените на називот на Археолошкиот музеј и на името на улицата на која се наоѓа нашето МНР,  Дендиас го укорил Заев. Најверојатно му пречело тоа што наместо новото име на државата, одредени политички средини, а особено граѓаните никако да го прифатат, па ја употребуваат формулацијата Република С.Македонија.

И во стилот на народната „Ти зборувам ќерко, досети се снао“, премиерот Заев веднаш ги укори политичките субјекти, кои ти биле лош пример за тоа, веднаш да се променат и да ја прифатат реалноста, што ќе рече да го користат во целост новото уставно име на државата.

Навистина ќе беше политички коректно ако премиерот Заев застанеше тука. Зашто, за жал, отиде предалеку, па се најде во ситуација за малку да не заплаче по употребата на кратенката „С.“, односно на „Северна“. Особено со своите дадени образложенија, кои се повеќе од смешни двојни стандарди, но и со обвинувањата на сметка на сите граѓани на Македонија, кои сопствената држава ја именуваат така како што сакаат, едноставно само Македонија или Република Македонија.

Што е пострашно, според премиерот, сите тие да ти ја понижувале и сопствената држава и нејзиниот Устав. Или, со други зборови, сите тие да ти биле антидржавни и антиуставни елементи!!! Фали уште како такви да почне да ги става по затвори, канцери или во новоотворени голи отоци, како основни средства за нивно превоспитување!!!

А, кое е главното образложение на премиерот за вака серизоните обвинувања?

Да не го почитувате Уставот на државата и името на својата земја, јас можам да разберам дека некој не се согласува со ваквиот процес, но сите се согласуваме со демократијата и демократијата вели тоа е новиот Устав кој што е изгласен со двотретинско мнозинство заради идните перспективи на децата, на младите, на нашите интеграции во ЕУ и НАТО. Односот кон Уставот на државата кажува секој поединец каков е всушност.

Види мајката, што би рекол самиот тој. Иако, за волја на вистината, донекаде е во право. Ама, само ако игра на картата на кратко паметење.

А, во право е кога вели дека „односот кон Уставот на државата кажува секој поединец каков е всушност“.

Навистина, каков беше неговиот однос кон Уставот и каква слика за него како поединец остави фактот кога го послуша советот на Јоханес Хан дека треба да примени и „балкански методи“ по добиените резултати од спроведениот референдум за промена на државното име?

Каков беше неговиот однос кон државата и Уставот кога институционално, преку Државната изборна комисија беше потврдено дека мнозинството граѓани не го одобруваат тоа? Или, каков беше неговиот однос кон државата и Уставот кога Талат Џафери го насадија за претседател на Собранието?

Каков беше неговиот однос кон државата и Уставот кога неамнестирани пратеници гласаа за негова промена, кога противуставно се издаваат новите лични карти… Треба ли уште да се набројуваат работи од кои може да се види неговиот однос кон државата и Уставот за да се види каков поединец е всушност самиот тој?! Ги има уште многу, но доволно се и овие.

Ни во Договорот од Преспа, ни во Уставот децидно стои дека сите граѓани мораат државата да ја викаат Република „Северна“ Македонија. Напротив, во Договорот точно е утврдено кој, кога и како мора да го употребува новото државно име. Па, и на прес-конференции во Владата самите министри не убедуваа дека тоа ќе мораат да го прават институциите на системот, а не самите граѓани!

Реакцијата на премиерот Заев кажува и нешто друго. А, тоа е фактот дека скандираната парола „Никогаш „Северна“, само Македонија“ има поголемо влијание кај обичните граѓани, отколку новото име на државата. Ова особено кај Македонците, кај кои тоа очигледно тешко фаќа корен.

Историски гледано, не попусто уште за време турско Македонија била забрането име, па се стигнало до таму турски султан да се обиде само заради неа да ја менува и Библијата. А, македонското прашање е старо повеќе од сто години и повеќе од сигурно уште долго, долго време ќе биде актуелно.

Премиерот Заев може со „балкански методи“ да придобива уште десетици и десетици корумпирани пратеници за да го менува Уставот кога ќе му текне. Може да ги потплатува медиумите за да користат „Северна“ наместо тоа „С.“. Може со едно движење на компјутерскиот маус да го менува државното име на државните институции или во законите.

Може со брусилка да ги бруси сите шахти и споменици, може да менува плоштади и цркви само заради новото име на државата и задоволување на „добронамерните соседи“. Но, не може на Македонците насила да им ја одземе ионака ампутираната душа во која со љубов лежи само името Македонија.