Апостолската посета на Папата Франциск после претседателските избори за многумина беше повод да ги ловат скриените политички пораки што во своите неколку обраќања на различни групи ги упати папата. Иако има улога на духовен водач на католичкиот свет, сепак историјата на христијанскатта религија покажала дека важен бил и политичкиот поттекст на неговата функција и пораките што тој ги упатува. И затоа папската функција важи за т. нар. мека сила во светската политика. Несомнено е дека неговата посета е историска за нашата држава и имаше некои скриени политички пораки во неговите обраќања. Но, целта не ми е да пишувам за папата, туку за постизборието. Папата само ме потсети на транзицискиот период кога растевме во деведесетите кога Црвенковски беше нарекуван Папата, па Љупчо беше Војводата, па потоа Грујо беше Шефот, и така во овие 28 години глумење на парламентарна демократија сме имале политички лидери со „лидерски прекари“ што многу долго опстојале на домашната политичка сцена. А во регионот авторитарното политичко лидерство е дури и традиција, па самото тоа по себе на некој начин укажува на тоа дека електоратот посакува авторитарно политичко лидерство. Такви тенденции на авторитарно лидерство го потврдуваат и некои истражувања, па нема да чуди фактот ако се појават такви лидери и по претстојните избори за Европскиот парламент.
Почитуваните граѓани и граѓанки на нашата државата се надевам дека се среќни со „консензуалниот“ претседник што гледа напред и што сега ќе ги брани националните интереси и ќе се спротивставува на сите штетни политики на власта во стилот на „манџуриски кандидат“. Сега да чекаме дека претседателот ќе работи заедно со власта за економски напредок на сите граѓани и граѓанки (како што милуваат да кажуваат), и дека нема да читаме за афери, непотизам, корупција, па веќе сигурно метлата заиграла, и белки в година кога ќе се пребројуваме ќе се вратат сите млади во оваа чудесна земја. Само напред!
Но, не гледам некои надежи дека оваа власт ќе се промени, сигурно ќе продолжи во истиот стил на неработење, бидејќи повеќето јунаци во власта се ментално скорени за криминал и корупција. А лидерот кој што е спремен да прави отстапки на штета на својот народ, опкружен околу себе со волци чијшто приоритет им е да ги вработат своите роднини и швалерки не ветуваат многу и ќе продолжат да грешат, а сигурно ќе грешат, бидејќи ништо не работат, а не работат бидејќи не се способни. Нивните гласачи им кажаа уште на првиот круг на претседателските избори и ги опоменааа, а следниот пат ако не се подобрат нема да им простат.
Опозицијата сега е време јако да ги стегне патиките и на терен секој ден да ги лови грешките на власта, а ги има и ќе ги има многу. Сега е време да изнајде и предлага вистински решенија за подобрување на општеството, а пред се на економијата. Исто така треба да поработи на подобрување на својот имиџ и перцепција кај албанскиот електорат и да изнајде оптимален модел за соработка со албанската политичка опозиција во насока на економски просперитет за сите. Најмногу потенцијал гледам во развојот на информатичко-комуникациските технологии по примерот на Естонија. Една мала земја како нашата, исто со свои внатре етно-политички кливиџ, успеа со развојот на модерните технологии да го поттикне развојот на економијата. Времето до следните избори е кратко, па остануваат надежите за подобрување во перформансите и на власта, и на опозицијата.
Comments are closed for this post.