Со завршувањето на изборите, слободен сум да зборувам за следните (наши) потребни чекори. Тоа подразбира дека веќе не зборувам во досегашниот капацитет на партиски претседател, затоа што таа позиција ја напуштив неколку месеци порано, иницирајќи (трансформација на едно досегашно партиско во ново) политичко движење.

Спротивставувајќи се на „груевизмот“ како парадигма на концептот на корпоративно владеење со државата од самото негово воспоставување, ги согледував(ме) ризиците по економијата, државните институции, општеството, но и по етничкиот идентитет на Македонците и македонскиот национален идентитет, како целина на македонскиот, албанскиот и на сите други народи што живеат во земјата. Колективно уште од 2008, а некои од нас и порано од тоа.

Еднакво како што принципиело ги отфрлив(ме) резултатите од изборите 2014, така гледав(ме) и на ризикот од последиците на флоскуларното „едно општество за сите“ без санирање на економско-социјалната димензија на граѓаните. 2016 беше последната можност партиите какви што ги познава(в)ме да влезат во градење балансирана државна политика низ институциите, држејќи се на стратешката магистрала за Македонија – на евро-атлански и европски интеграции, по тој редослед на приоритетите.

Познато е и дека повеќе од една деценија предупредував(ме) дека референдум за спорот е нужен вовед во уставна промена на името, што на оваа политичка генерација политички раководители и го наметнаа „играчите“ од 2006 наваму. Но, штом започна, процесот мораше да го заврши токму оваа политичка генерација, а циклусот е окончан со претседателските избори.

Затоа, сега можам да го објавам новиот политички процес, Движењето за Нова Република. Тој не се шлепа зад туѓ авторитет и не цели на враќање на процесите, туку на подготовка за следните. Оттука, не тргнува од веќе етаблиран правен ентитет, туку се потпира пред се на одлука на секој поединец. Без претходни чинови и хипотеки. И не поради отпор кон некоја партија, туку поради верба во идеја и интерес за автохтона политичка акција на сегашната генерација.

Овој процес ги препознава и оние 30.000 граѓани кои и на овие избори излегоа на гласање, но го поништија гласачкиот лист барајќи поинаква кадровска и политичка понуда. Тој ги адресира и луѓето кои веќе неколку изборни циклуси не гласаат од истите причини, но и политички активните, кои го гледаат тонењето на постојниот систем на партиски клиентелизам што ги метастазира институциите и општеството.

Зошто зборувам(е) за Нова Република? Затоа што досегашната, заснована на познатите политички матрици и практики е веќе исцрпена. Не само во политичка смисла, туку и во смисла на правците на одржливиот (економски) развој, образовното профилирање, медиумското репетирање, социјално-здравственото проектирање и културно-историското доживување на себеси и на својата околина.

Потребата од Нова Република е потреба од адаптација на македонските политички наративи и акции, во која конститутивноста на македонскиот народ е промислен договор со припадниците на сите други народи, а унапредувањето на правата на сите ги „заштитува“ сите од пасив-агресивниот шовинизам во кој лошото те боли помалку ако на другиот му е полошо. Економски, политички… сеедно.

Истовремено, потребата од Нова Република е и во унапредувањето на односите со сите соседи соочувајќи се со своите историски и општествени вистини, затоа што таа треба да биде втемелена на улогата на регионална раскрсница, наместо на прекин и сива зона. Впрочем, една од мисиите на С.Македонија е токму тоа, да биде извозник на регионална стабилност како влог во континенталната безбедност во времиња на предизвици.

Во неа институциите мора да бидат доведени во функција на граѓанинот со чии пари функционираат, наместо да се проектираат според желбата на партиите. Во неа партиите мора да испорачуваат политики од интерес на своите гласачи и нацијата, а не само на нивните дипломатски спонзори. Во неа фирмите мора да се одговорни кон вработените и своите корисници, а не кон партиските елити. Во неа верските заедници мора да се одвоени од државата и да се посветени на верниците, наместо да бидат изборни партнери на партиите… Или накратко, во новата република партиите не треба да бидат посилни од институциите или таа нема да биде различна од сегашната.

Зошто движење? Затоа што потребата од нова република е всушност потреба од нов пристап на поединецот кон институцијата и обратно, во кој економско-социјалниот момент е егзистенцијален човечки, а сите останати се граѓански приоритети во кој класичните партии што играат по постојните правила потфрлаат.

Зошто токму сега? Затоа што изминатите изборни циклуси во годините независност и плурализам го истенчија политичкото чувство на граѓанинот кој не бара дејство од инает, туку акција со промисла и добра намера. Впрочем, исцртувањето на овој процес започна далеку пред кампањата, во која претседателски кандидати и новинари на сосем други основи го отвораа прашањето каква република ни треба и на што таа треба да биде втемелена. И не кријам дека коинциденцијата ми е драга. Тоа значи дека веќе многумина размислуваме на оваа тема.

И да, веројатно ова е потешкиот пат. Но и досега се виде дека скратените патчиња никогаш не не одвеле на посакуваната дестинација.