Минатата недела во Скопје се одржа четвртиот состанок на мешовитата македонско-бугарска експертска комисија за историски и образовни прашања. Како што е веќе познато, споменатата комисија е формирана согласно Договорот за добрососедство (2017) „за да придонесе за објективно и засновано на автентични и на докази засновани историски извори, научно толкување на историските настани“ и определување на „заеднички чествувања на заеднички историски настани и личности, насочени кон зајакнување на добрососедските односи во духот на европските вредности“ (чл.8, став 2 и 3).

Најпрвин, ќе се задржам на вака концепираните одредби, од аспект на македонската историографска средина од која и потекнувам. Одредбите делуваат дрско, вообразено, потценувачки и недоветно, небаре во изминатите седумдесетина години македонската историографија работела врз ненаучни принципи и методи, создавајќи ненаучно толкување на историските настани и процеси! Но, затоа, отсега па натаму, за наша среќа, тука е „мешовитата комисија“ за да ни го покаже правилниот пат – политичкиот, а помалку научниот! Шегата на страна, се работи за тоа што е засегната научната продукција која ја создаваа генерации историчари од првиот АСНОМ (1944) до нашата современост! Оваа продукција, секако е резултат на општествената и на идеолошката, а пред сè, на историската почва на која из’рти, разрасна и се развива.  Како и повеќето научни дисциплини и македонската историска наука се темели на дијалектичкиот принцип – постојано открива нешто ново, уточнува, се надоградува и проширува со нови сознанија, извори, факти, критички осврти итн. Нејзини темелни принципи се: каузалитет и детерминизам,  индетерминизам, епистемолошка критичка синтеза и други. Накратко, проучувањето на историјата е проучување на причините, историчарот, треба постојано да си го поставува прашањето – Зошто!

Ова, последново особено го препорачувам на Комисијата, чија цел е „да го денационализира толкувањето на минатото од пред илјада и повеќе години“, за да не им се давало на одредени „настани и личности национална конотација од современ аспект.“ Се спомнуваат, браќата Кирил и Методиј, Климент и Наум Охридски, цар Самуил, Гоце Делчев, Илинденското востание итн. Какво значење имаат овие личности и настан во и за бугарската историја и „национален наратив“, воопшто не ме интересира! Во однос на нашата – македонската историја, овие личности и настан се значајни од аспект на нивната дејност во функција (изградбата) на македонскиот историски корпус. Чија содржина, се темели на амалгамот, на симбиозата меѓу народот и просторот, во една вертикална оска, која се движи од праисторијата, антиката, средновековието, новиот и современиот период. Еве, еден краток пример: дејноста на Климент и Наум и Охридската книжевна школа поставиле основа за посебно политичко, културно и религиско самоорганизирање во Македонија, независно од Бугарија и од Источното римско царство (Византија). Нивната дејност внела квалитативна димензија во процесот на „заокружувањето на заедничкото идентитетско поврзување на македонските Словени и домородните Македонци, овозможено со претходната коегзистенција и симбиоза на македонската почва. Овој процес се здобил со тенденции за независна политичка, религиска и културна репрезентација на пошироките интереси во рамките на Македонија, како обединувачки етнички и географски именител“ (проф. Панов). Во однос Г.Делчев и Илинденското востание, кои се дел од историјата на македонскиот народ под османлиска власт, но се и репрезенти на новиот век во кој најдоминантни процеси се романтизмот и националните движења (во смисла на народноослободителни, не национални во современа смисла), може да се каже дека во тој период започнува да се напушта „линијата на крвно сродство, односно на припадноста кон одреден милет и пронаоѓање заеднички интереси во татковината – Македонија. Така започнатиот процес во раниот деветнаесетти век од географското идентификување: Македонија – македонски, преку политичката идеја: Македонија – на Македонците, до етничкото Македонија – Македонец, сè повеќе се заокружувал“, особено по Балканските војни (проф. Донев).

Еден од најзначајните лингвисти на XX век, Роман Јакобсон, ја почнува својата позната „Лингвистика и поетика“, на една конференција во САД во 1958 г., со овие зборови: „За среќа, научните и политичките конференции немаат ништо заедничко. Успехот на политичките спогодби зависи од првичната согласност на мнозинството учесници или од сите нив.  Употребата на гласови и вета, сепак е нешто туѓо во научните дискусии, каде што несогласувањето вообичаено се покажува како попродуктивно од какво било согласување.“ Несогласувањето поттикнува истражувања! Ако ова го примениме во однос на македонско-бугарската мешовита комисија, значи дека и историските прашања, за кои е сосема нормално да постојат различни мислења, толкувања и ставови во науката, не треба да бидат предмет на какви било политички преговори или договори.

Меѓу другото, да ве потсетам: СЕВЕРНА, никогаш! МАКЕДОНИЈА на Македоците!