Наспроти процендуралната викенд-драмолетка околу имунитетот на Вељаноски, пред очи ни се развива сценариото на суштинската драма – ЕУ перспективите на земјава и на регионот. Политички опортуно е да зборуваме само за драмолетката, но политички одговорно е да зборуваме за втората, суштинската тема што ја отвори посетата на францускиот министер за европски работи, Натали Лоазо.

Лоазо деновиве на јавноста само и го соопшти она на што малкумина предупредувавме изминатите години, а како граѓани сите го чувствувавме – дека спорот за името со Грција е највидливата, но не и единствената причина за далечноста на македонското ЕУ интегрирање. За разлика од евро-атланското, кое по исполнувањето на базичните критериуми, во услови на јасно декларирана поддршка од сите земји-членки на НАТО, зависеше само спорот за името.

Едноставно, Лоазо не соочи со очигледните системски нефункционалности што ни го оневозможуваат европското интегрирање, но, уште побитно, знаеме дека ни го попречуваат секојдневното домашно нормално функционирање: судството, корупцијата, нереформираните безбедносни служби и јавната администрација. Слабости кои, заедно со застоената економија, од „заробена“ држава не враќаат само стадиум „погоре“ – во нефункционална држава.

Она што Лоазо, секако, не можеше да го каже е дека до тука сме и од причина што и Франција и бројни други ЕУ-членки во многу наврати (вклучително и моментално) (не)свесно придонесуваа кон оваа состојба потпирајќи се на „познатите“, „проверени“, слаткоречиви политичко-партиски елити кои го јавнаа судството, безбедносните служби и администрацијата и, корумпирајќи ги институциите и општеството, го обесмислија владеењето на правото. Можеби затоа што и нејзината влада се надева на нова, продуктивна мантра во Северна Македонија. Затоа, време е да се предупреди и на ваквите празнини, пред нови „ЕУ за тебе“ проекти, програми и пари да одат во ветер, заедно со надежите, очекувањата и вербата на оние што останаа да живеат тука.

Секако корисно е да се имаат предвид и нејзините пораки дадени во Белград, што претпоставувам биле предочени и кај нас. Интересно, во македонските медиуми кои дневно и часовно информираат за новите интимни клипови или ботокс-сесии на разноразните крлеушки, баш и немаше многу простор или инструкции да посветат внимание макар на дел од интервјуто на Лоазо за белградска „Политика“ каде е пренесена експлицитната порака на Париз до овој дел од регионот: „…бидејќи сме ваши пријатели, должни сме да ви ја кажеме вистината: сегашната состојба на Европската Унија не овозможува нови придружувања во задоволителни услови – како за самата ЕУ, така и за новите држави кои би и се придружиле.“

Премолчувањето на овие факти ризикуваат Северна Македонија и нејзините влади/партии/елити наскоро да се најдат во нова безизлезна состојба на политичкиот наратив и дејство, доколку денес не бидеме на ниво на задачата да ги идентификуваме пораките и потенцијалите во нив. Прво, дека по француско-германските договори од Ахен, а во услови на тековна политичка расправа и секојдневни економско-политички, општествени и безбедносни предизвици во самата ЕУ, македонските политичари се должни да им соопштат на граѓаните дека до моментот на пронаоѓање на формулата за сопственото функционирање, некаде меѓу Европа на нациите, националните влади и на граѓаните, Унијата нема брзо(плето) да го интегрира во себе ниту регионот, ниту нас. Второ, затоа што натамошното економско-политичко-безбедносно функционирање на ЕУ зависи и од пронаоѓањето на споменатата формула што недостасува, но еднакво и од транс-атланската соработка на (земјите-членки на) ЕУ со САД. Трето, затоа што Европа на Европјаните се покажа како одржлива до рушењето на Железната завеса, а Европа на нациите бара напуштање на бриселската идолатрија и нова стратешка симбиоза на економијата со традиционалното партнерство во кое САД не може и да ја плаќа цената и да го обезбедува европскиот мир во тековниот мултиполарен свет.

Сето тоа во услови кога, како аспирант за ЕУ и наскоро полноправен член на НАТО, Северна Македонија и нејзиното државно раководство и политичка генерација имаат и тоа каква обврска да придонесува кон своите партнери – за сопствено добро и колективен интерес.

А во такви околности, политичкото „ќе не биде“ шармерство и „мира-дизел“ политикантство завршуваат околу кампањата за претседателските избори.