Досега петнаесет лекари се нападнати на работно место годинава, а министерот за здравство изигрува демонстрант на протести против насилството, наместо да гради систем за безбедност во болниците и за персоналот и за пациентите. Од вчера неговото и името на директорот на ФЗО во медиумите се споменуваат во нова афера на повидок –„Рекет 2“. Датумот за почеток на преговори на Македонија за ЕУ членство „виси“, а вице-премиерот за европски интеграции наместо по европските метрополи, изигрува геометар по скопските улици и проверува двојазични табли. Министерот за надворешни „ќе не биде“ работи, за евентуалното недобивање датум за преговори повеќе е заинтересиран да најде алиби во Тирана, отколку низ моментум на взаемна поддршка да се заложи цврсто за интеграција на земјата заедно со западниот сосед. Претседателот на Републиката засега се ограничи на пополнување на седиштата на „Охридско лето“ и „Манаки“, до толку ревносно што не отиде ни на одбележувањето на почетокот на Втората светска војна на 1 септември во Полска.
Сомнежот на Ванхауте дека изборот на Јанева (Груевски предлага – Заев експресно прифаќа) одразува подлабок (нивен) меѓупартиски договор објаснува зошто Заев, како лидер на СДСМ и тогаш и сега, всушност прерасна во ново олицетворение на политички спонзорираната неказнивоста кон (претходните) државни и политички функционери. Накусо, и дома и во странство, сето ова веќе личи на
Евтина „сапунска опера“ во македонска функционерска продукција
Откако „Нема правда, нема мир“ од правец на дејствување остана само спомен на една борба за системска нормалност, започна падот на „моралната вертикала“ на СДСМ. Преземањето на полугите на системската корупција ја разобличи нивната партиска политика и реторика како обична алтернативна патека за семејно-партиско ухлебување во системот. За жал, со тоа се разорија единствените врзивни точки меѓу македонските граѓани од сите припадности – барањето функционална правда и економско-социјален напредок. За мене и истомислениците во 2016 очекувано, за мнозинството добронамерни – неверувано.
Сега многумина сфатија и зошто тогаш останав осамен во барањето реизбор и на судиите и во целокупното правосудство. Денес е јасно – не странец, туку и Марсовец да дојде на чело на ваквото обвинителство, спрегите по вертикала и лавиринтите по хоризонтала ќе го застарат криминалот на секој што украл милиони и ги знае вистинските системски линкови и партиски ликови. Со вакво судство за „сто ќебапи“ одиш во затвор, а за злоупотреба на службена позиција во домашен притвор или во странство. Потребен е целосен ресет, по отстранување на непотребниот хардвер.
Затоа денес за промашувањето на СЈО не може да зборуваат истите што беа хонорарни советници во него. За реформи во судството не можат да „пенат“ адвокатите што наутро ги критикуваат, а навечер со истите судии ашикуваат. Реформи и ветинг не може да спроведуваат партиски комисии и компромитирани политичари, туку оние што Прибе ги дефинира како „независни“: некорумпирани од системот на пред и пост-транзицискатса партиско-семејна каста распоредена со генерации по (правни) факултети, (приватни) универзитети, државни, правосудни и финансиски институции, МАНУ, медиуми, „невладини“. Која последно од СЈО си направи партиско-семеен гранап.
Тоа е причината што денес традиционалните СДСМ подизведувачи – медиа-нарикачи за слободите, правата и правдата за време на секоја власт што нема корени од „Бихаќка“ – се така жестоко игнорирани: прочитани се и неупотребливи.
Оттука, во очекување на октомвриската датумска сага, сега кога непотребната врева е стишена, денес не е вест лебедовата песна на Туск туку прашањето
Зошто изостанаа вестите за регионалната посета на Палмер?
Претседателот на Европскиот совет ниту кажа нешто ново, ниту охрабри некого во Скопје, ниту вознемири некого во европските метрополи. Рутината на шатл-посетата всушност покажа дека одлуката за датумот, во најдобар случај, личи на „условна“.
Палмер, пак, го помина регионот заобиколувајќи ја Македонија во широк лак, а никој во нашиов жабарник не се запраша зошто специјалниот претставник на САД за регионов постапи вака. Дали затоа што земјава не е предмет на интерес или затоа што тука практично во моментот и не препознава адекватен соговорник во претседателот и премиерот, па пораките ги праќа преку министерски курири од владиниот кабинет?
Ова е причината за нервозата во владините канцеларии опишана на почетокот, а особено на нејзините медиа-мегафони. Нервоза што ја нема во „обичните ешалони“. Помиреноста со тонењето кај нив покажува колку тие се свесни дека точката на можно оправање на владино-партискиот рејтинг е одмината и линијата е убедливо надолна. Ним, како и на јавноста воопшто им е јасно дека штом раководството на СДСМ пред микрофони вели „победуваме кога и да има избори, ама да се во октомври 2020“, министрите се во фазата на евакуациона подготовка за опозиција.
Што повеќе пропаднатата „морална вертикала“ на СДСМ при „Рекети 1, 2…“ бара „ВМРО-ДПМНЕ да се докажува колку се корегирала“, толку повеќе му признава на Мицковски дека расчистува со наследството од Груевски. И ја исцртува новата линија на претстојната политичка борба, каде субјектите и слоганите ќе се во втор план, зад ликовите, заложбите и особено нивниот политички кредибилитет и некорумпираност.
Comments are closed for this post.