Волкот ги менува влакната, ама наравот не. Или, читај, министерот за надворешни работи Никола Димитров може да ја смени идеолошката припадност, некој ќе забележи како чорапи, ама тактиката и реториката за заплашување на меѓународната заедница или за домашна пресметка со своите политички опоненти-не. Никако!

А, судејќи по се, како најомилен и најчесто употребуван поим да му е национализмот. Оној, де, домашниот, што би се рекло македонскиот. Притоа, не му се важни соседските „изми“ од сите видови. На нив не обрнува внимание. Како да не постојат. И како да не гледа и не слуша дека полека, но сигурно ја губиме битката околу националната припадност Македонци и употребата на придавката македонски и дома и надвор. За последните и во континуитет манифестирани бугарски настојувања, Македонија да се третира како бугарска земја и да не говориме. А, барем според функцијата, спротивставувањето на овие напади треба да му е меѓу основните задачи, настрана членството во НАТО и добивањето датум за почеток на преговорите со ЕУ.

Својот порив да се докажува како „антимакедонски националист“ и меѓународната заедница, или поточно речено ЕУ, да ја плаши со него одново го манифестираше во последното интервју за агенцијата Европа, дадено при последната посета на Брисел.

Ако немаме перспектива, а тоа е влогот во октомври, ќе ослабнеме, а скептиците, националистички сили и популистите ќе се зајакнат, тоа ќе им помогне на оние кои се сомневаат во европскиот проект, таа стратешка ориентација, додека позитивна одлука ќе ни помогне да кажеме дека работите се во наши раце, ќе рече, меѓу другото, министерот Димитров.

И се ќе беше во ред ако не играше на картата на слабо паметење. Зашто, ова не му е првпат да се служи со удари под појас. За потсетување. Не така одамна, некаде во април минатата година, пред потпишувањето на договорот со Грција, во интервју за француски „Ла кроа“ со огромна леснотија ги користеше поимот „национализам“ и (претходното) „националистичко мнозинство во контекст на оние политички сили во земјата, кои се спротивставуваат на изнаоѓање компромис со Грција“ и како „автори на проектот „Скопје 2014““.

Само малку подоцна „ист камен“ доби по своја глава. Непосредно пред средба со тогашниот грчки министер за надворешни работи Никос Коѕијас и посредникот во македонско-грчкиот спор Метју Нимиц, чинам во Виена беше, во текст објавен во Хелас журнал истиот наш министер за надворешни работи беше именуван како „тврдокорен националист“, кој „создавал сериозни проблеми повеќе за својата земја, отколку за Грција“.  Од оваа временска дистанца, може да се забележи само дека авторот не бил далеку од вистината.

Според логиката на нештата, сега излегува дека „тврдокорниот националист“ Никола Димитров и се заканува на ЕУ со македонскиот „национализам“! Далеку од умот и здравиот разум и логика.

Но, според што Димитров се обидува да се дистанцира од македонскиот „национализам“? Само по тоа што бил за склучување договор со Грција? По тоа што се дистанцирал од проектот „Скопје 2014“ и надалеку прочуената „антиквизација“? Или по тоа што како самопрогласен реформатор беше дел од т.н. „амстердамска тројка“? Или по тоа што како избор на ВМРО-ДПМНЕ беше амбасадор во Вашингтон и Хаг? Или по тоа што сега е во коалиција со левицата, која води корени од македонските комунисти, за кои, пак, е забележано дека се прво националисти, па дури потоа комунисти. Или по тоа што „корените“ водат до крилото во ВМРО-ДПМНЕ, кое никогаш не смогна сили да се дистанцира од сите врховизми, а посебно не од бугарскиот?

А, токму „корените“ забележале:„Да, најголемо зло за Македонците беше-што беа Бугари, а што Европа, преку Грција и Србија, не им дозволи да продолжат да бидат тоа. Да пркосат? Да се предадат? Од Груев до Мисирков, од Христо Узунов до Стојан Мишев, од Шарло и Ченто до Колишевски и Глигоров, крвари драма, се черечи еден народ. Како да побегнеш од злото, кое го претставува твоето сопствено битие, ти самиот? Ние, македонската нација, сума и актуелен чин од таа драма, немаме причина да се срамиме од себе, од дванаесетвековната етнобиографија под „номиналните ознака“ Бугари. Срамот и припаѓа на Европа, во прв ред на Русија, Англија, Франција, Австро-Унгарија; на Грција и на Србија, за тоа што еден народ, кој се одржал половина милениум под турското политичко ропство и уште толку и повеќе под грчката духовна доминација, го раскасапија поради сопствените егоистички стратегии, на дел од него инектирајќи му го грчкиот и српскиот шовинизам, „воспитувајќи“ го да си го замрази името и родот“.

Си го замразил ли името и родот Никола Димитров, та редовно не плаши со „национализмот“?!