Додека Македонија пулсира според сагата за СЈО, а медиумите меѓу зададените теми на техничката влада во најава и силиконите на некоја од екс-ју турбо-фолк „ѕвезда“, вестите на неделата доаѓаат од соседството. Во Бугарија за Н.Малинков, претседател на Движењето „Русофили“, подигнато е обвинение за шпионажа, оддавање класифицирани документи и дејствување за геополитичко преориентирање на државата кон Русија. Неговите активности, според обвинението, вклучувале создавање влијателен медиум или информативна агенција и на политичка партија со обемно финансирање низ перење пари, со милионски проектирани суми.

Веќе тонот на реакцијата на бугарското МНР по повод изложбата на Руската амбасада во Софија за советското „ослободување на Бугарија“ во 1944 пар денови порано, укажа дека реакцијата на оваа ЕУ и НАТО членка не е случајна. А употребената множина во текстот на нивната нота рефлектираше став и на многу источно-европски земји – денес членки на НАТО и ЕУ за кои советското „ослободување“ 1944/45 години баш и не донело многу слобода.

Ако случајот „Малинков“ илустрира како Бугарија сеуште се справува со рецидивите кои геополитички ја држеа надвор од Западот, таквиот процес во Албанија стана очигледен со длабинскиот ветинг што таму тргна од правосудството кое (како и тука) ја држи земјата во зоната на прашално владеење на правото. За споредба, Македонија во МВР спроведува варијанта на комисиски ветинг, што на некои повеќе им личи на чистка според партиска подобност, одошто на чистење од врските со политичко-криминалното подземје. Истото кое креираше сопствена „држава во држава“ низ полициска, правосудна, финансиска и медиумска контрола на центрите на одлучување, па оневозможувајќи владеење на правото и контролата врз институциите – овозможи процут на корупцијата.

Откако Палмер во Подгорица порача дека Црна Гора е „моделот“ за мултиетничка држава во Западниот Балкан и де факто ни ја укина титулата на „лидери“ во регионот, македонското државно раководство денес е изложено на единственото логично прашање: дали, што и за кого тоа работи, кога веќе е очигледно дека

„Рекет“ го прекинува западното „сетирање“ од Јадранот до Црно Море во Скопје

„…Силината на потресот од аферата „Рекет“ коинцидира со интензитетот на гласините дека токму обидот за промени во сопственоста во домашната банкарска сцена е „тригерот“ на пукањето на самата афера… Интересно е да се потсетиме дека токму во тој период, крајот на 2018 и почетокот на оваа година, банкарскиот сектор доста беше раздвижен. Една банка доби нов значаен акционер што се стекна со место во управно-надзорната структура“. По оваа најава од 30 јули денес е битно јавноста да дознае за која банка станува збор и дали во обидот за нејзино преземање имало мотив и вон профитот како цел. Односно чии средства и за какви цели минувале низ неа: „Вонсистемското, партиски-службењачко-медиумски-правосудно „спонзорирано“ прибирање средства низ „Рекет“ за редистрибуција на капитал во паралелен медиумско-невладин-финансиско-партиски „картел“ не може да се ограничи на пар тривијални ликови и води кон македонскиот владејачки политички, партиски и бизнис врв, а до судско расчистување на аферата и казнување на инспираторите и сторителите – интеграциите се загрозени поради системска корупција и политичката неказнивост“.

Веќе на 18 јули беше јасно дека „индицирањето вмешаност на странски државјани во аферата започна со самото нејзино загатнување. Но… легитимно е прашањето колку во оваа операција се вмешани и странски државјани и дипломати… Ако владите што ги претставуваат овде сакаат да го задржат барем имиџот на непристрасност и принципиелност, би било корисно да се залагаат барем за истите принципи и стандарди за кои се залагале пред три-четири години. Тие треба… да ги поддржат иницијативата за ветинг и меѓународната истрага што треба да определи каде се имало нелегално движење на пари кон и од Македонија, преку кого и за какви цели.“

Гонењето на високата корупција по СЈО само може да почне, а не тука да заврши

Пораката на Прибе од 11 септември охрабрува дека Западот се соочува со реалноста: „Понекогаш се потребни промени во законодавството, а за владеење на правото се потребни независни политичари кои ќе направат соодветни реформи“, политичари „кои треба да имаат волја за да го имплементираат“.

Она што следниот период ќе треба да одговори е дали оценката се однесува на изворните домашни политичари, но и аналитичари и активисти коишто бевме ставени во „изолација“ од нво-дипло-службењачко-медиа-полит-банкарската спрега во Македонија како „несоодветни“ и „неконтролабилни“, само затоа што се спротивставувавме на системската корупција, нејзините креатори и помагачи. Или конкретно, ако „независните политичари“ денес значат „чисти, некорумпирани и службењачко-неподобни“ за „елитата“, описот е оправдан.

Оттука, наспроти галамата на провладините мегафони уплашени за својата идна неупотребливост, по лидерската средба се виде дека колку што Мицковски прелесно прифати право партија да предлага обвинител за висока корупција, толку неговото спротивставување на предлогот на Заев „Рекет“ и новите случаи на висока корупција да не се дел од неговите надлежности е – сосем оправдано.

Имено, на тој начин го разоткри проектираниот маневар на Заев и диригираното правосудство за нови правни лавиринти во кои сите (досегашни и идни) епизоди на „Рекет“ ќе бидат завлечкани до застарување, додека креаторите на системската корупција повторно се амнестираат, а на „жртвениот олтар“ пред јавноста се принесуваат само тривијални извршители.

Приоритет денес е како да се спречи системската корупција, повторно поддржана од „вечната полит-нво-дипло-безбедњачко-медиа-финансиска елита“ за таа пак да си се притаи и вгради во општествено-политичките и економските текови, овој пат на интегрирана Македонија, чекајќи момент за одново да балансира меѓу стариот и новиот „газда“. Вака гледано, време е и за обвинител од странство.