11-ти Октомври го славиме како Ден на народното востание. Тоа е денот кога народот ја започнал крвавата борба против фашистичкиот окупатор до конечно ослободување. Во тоа време, во виорот на Втората светска војна предизвикот бил да се опстане, да се преживее, да се биде слободен. Борбата се исплатила, сонот се исполнил. На крај сме создале своја држава.
Денес кога имаме своја држава, 11. Октомври е голем ден, државен празник. Како симбол на таа крвава борба на народот во минатото, денес се доделува државната награда „11 Октомври“ како највисоко државно признание за животно дело на истакнати личности во областа на науката, уметноста, стопанството и во другите дејности од јавен интерес. И така треба. Со крв, пот и мака успешно постигнатите резултати да се слават, да се наградуваат, да се истакнуваат, да не се заборават.
Денес исто така се справуваме со уште еден предизвик. Можеби не крвав како во минатото. И не дај Боже. Но денес, кога го имаме резултатот од крвавата борба на нашите предци, ние сме на прагот тој резултат да го поништиме. И тоа толку лесно. Онака фино, без многу пот и мака. Со измени во уставот. Едноставно, како „копирај и залепи“.
Во минатото, во крвавата борба за ослободување, сигурен сум дека постоеле согласност и одлучност меѓу народот за да се има слобода и своја држава. Денес во овие денови не сум баш така сигурен дека постои согласност и одлучност меѓу народот за да се направат измените на државниот устав. Особено не сум сигурен откако народот го кажа своето мислење на последниот референдум во врска со договорот со Грција. Народот сака подобра иднина, но не по секоја цена. А најмалку по цена за промена на името на државата и националнот идентитет. Но, кој го слуша народот? Па неговото мислење не е важно. Па, нели референдумот беше консултативен. Што би се рекло: онака, чисто информативен!
И сега, после неуспешен план А, имаме план Б. Кон исполнување на договореното. Кон уставни измени. Кон самопоништување. Власта брза да си ја исполни агендата. Притисоците се големи. Како стомачни грчеви. Како од внатре, така и од надвор. Владиниот предлог за пристапување кон измени на уставот на државата е како рецепт за торта. Предлогот содржи образложение дека уставните измени се за имплементација на Договорот со Грција со што треба да се овозможи пристапување во ЕУ и НАТО. Многу едноставно. Лесен рецепт. Но, лоша торта. И ете. Рецептот го имаме. Тортата се прави. Но, се прашувам дали нашите предци би сакале ама баш ваква „торта“? Сигурен сум дека народот ваква торта не сака. Но, ете гледаме дека тоа не е важно. Важно е дека власта го има рецептот и тортата ја прави.
За крај, ќе се повикам на народниот мудрец, којшто во ваква ситуација вели дека „карванот си врви, а кучињата си лаат“!
Comments are closed for this post.