Горан Шибаковски

Д-р на политички науки

 

Нашиот народ вика „што носи денот, не носи годината“. И стварно. На почетокот на работната седница, ама баш понеделнички, Премиерот изненади со својот предлог до опозицијата за помирување за настаните од 27-ми април. Предлог – од ракав изваден како на струмички пазар. Па, Собранието не е пазар на зеленчуци. Да, тоа треба да биде место за конкуренција, ама на подобри решенија. Но, не и место за пазарење со слободата и правдата. Ниту, па место за трговија со политички интереси по цена на слободата и правдата.

Собранието не треба да биде ниту крвава арена. Да, тоа треба да биде арена, но за подобри идеи, за унапредување на државата, за подобрување на општеството. Но, со вакви предлози како на Премиерот на политичкиот пазар може само да падне цената на довербата во институциите на државата. Народот не сака да купува некоја си розово ветена иднина по цена на правдата. Предлогот на Премиерот и неговиот став тоа јавно да го каже само потврдува дека кај нас на правдата може многу лесно да и се влијае. И пак тука, што носи денот, не носи годината. По соопштување на предлогот на Премиерот во екот на собраниската дебата за уставните измени пристигна и веста за ослободување на пратениците од домашен притвор, а коишто се товарат за инцидентите од 27-ми април.

Според Уставот и законите во нашата држава темелни вредности на уставниот поредок се основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати со меѓународното право и утврдени со Уставот, владеењето на правото, а тука и поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска. Предлогот на Премирот како да ги корумпира тие темелни вредности и како да ги негира.

И повторно, што носи денот, не носи годината. Така, кај нас деновиве, ама баш навистина донесоа многу. Можеби, колку цела година. Оставката на министерот за надворешни работи на нашиот јужен сосед беше исто толку големо изненадување, како и предлогот на нашиот Премиер. Предлогот на Премиерот претставува обид за корумпирање на правната држава, обид да се истргуваат политички интереси, а со цел за исполнување на агендата за уставни измени и обезбедување на необходната поддржка од опозицијата. Навистина, оставката на министерот изненади, сега во овој историски момент, како што љубат да кажуваат. Но, ете пак, што носи денот, не носи годината. Може да има предвремени парламентарни избори, па Премиерот може да изгуби на политичкиот пазар, ако неговите предлози ги вади од ракав како на струмички пазар.

За на крај, без разлика во колку важен момент се наоѓаме, според едни во длабоко општествен кризен момент, а според други во многу важен историски момент, не треба да заборавиме на правдата. Ако сега, во овој момент политичките лидери ја игнорираат правната држава, и ако сега ги корумпираат темелните вредности на уставниот поредок, тогаш навистина ќе западнеме во историски момент и во уште подлабока општествена криза. Од тој момент, па натаму секој што ќе ја предизвика правдата, тоа ќе значи дека ќе може многу лесно од собраниската говорница да се испазари за својата слобода, ама баш како на струмички пазар.