Санкционирањето на непотизмот и (организираниот) криминал (во сопствениот табор), заедно со преземањето на потребните (тешки) чекори и мерки е (само) нужен почеток. По цена и на партиска загуба. Во полицијата, образованието и здравството интервентно и паралелно во судството, јавната и државната администрација. За оспособување на економијата и задвижување на приватниот сектор и производствениот капацитет на стопанството воопшто. Чекор по чекор, но во брз од.

Во ера на општо достапно образование и коректна покриеност со училишта, 50% од нашите основци се практично функционално неписмени, а во „колевката на словенската писменост“, студентите фрлаат ѓубре околу студентски дом како на дива депонија. Во деновите кога го подигнавме знамето на НАТО пред Владата, капитулираме пред компликации од морбили затоа што родителите не ги вакцинирале децата (на време). Во период кога се убедуваме во нашата европска „модерност“, летаме орли и правиме „вегети“ како пубертетлии пред женски во маало, Македонци бојкотираат настава затоа што директор на училиштето им е Албанец, а Албанци се радуваат дека „освоиле“ училиште со тоа што „нивен“ бил назначен на тоа директорско место. Додека глумиме дека се надеваме на датум за почеток на преговори со ЕУ, главен работодавец во државата ни е Државата, а нововработени/новоизбрани се (само) роднините на функционерите на истата таа Држава…

Само овие примери од македонското еднонеделно секојдневие илустрираат колку политиката потфрлува децениски, за она што практично и морално било незамисливо или маргинално во „стариот“ систем – сега да стане нормално, па дури и податливо. А се е врзано – во круг. Инерцијата на „Поранешната југословенска“ е потрошена, додека вредностите на системската вертикала во „Северната“ Македонија не се ниту нафрлени, а не пак дефинирани.

Да тргнеме од последното. Министерот за администрација, Манчевски, се обиде неуспешно да ги оправда последните роднински вработувања на функционерите на власта во државните фирми и институции со образложение дека сега власта начекала можност да го „наплати“ периодот на „репресија“ од минатата власт – со ново репресирање на квалитетните, заслужните, квалификуваните – оневозможувајќи им еднаков пристап до фактичките можности за вработување/позиции во државната и јавната администрација.

Оваа извитоперена „праведност“ не минува, а потсмевот веќе преминува во гнев: Кај членовите и поддржувачите на неговата партија и коалиција, кои чувствуваат дека овој пат се „репресирани“од „своите“ и кај сите останати, кои се боревме за промена на системот на политичко управување, а не само за замена на властодршците.

Бидејќи оваа пракса не е ексклузива на СДСМ, туку сега е само побрутално соопштена и временски поконцентрирана во однос на претходната власт, а нова генерација системски „миленичиња“ се населија во администрацијата и јавните услуги, етапно и последните три суштински општествени и државни столба (јавна безбедност, образование и здравство) паѓаат под налетот на партократскиот криминал и го засилија какистократското владеење. Прва „падна“ полицијата под налетот на организираниот криминал и бескрајната транзиција, а сега здравството и образованието, се рушат од темел под налетот на „реформите“ на „пролетерската елита“.

Во образованието стана побитно кој и колку учебници ќе печати одошто какви содржини има во учебниците и кој подобро ќе ги пренесе знаењата на учениците/студентите. Во здравството, пак, гледаме побитно е кој и колку лекови и медицински апарати ќе увезе, а не колку квалитетни ќе бидат тие лекови и апарати и колку стручни лекари и персонал ќе ги поставуваат дијагнозите и ќе ја применува терапијата.

Паднатото образование само продолжува да „штанца“ полупроизводи со диплома и нула желба за работа во професијата или да ги подготвува поамбициозните за „извоз на човечки материјал“ на пазарите на труд низ Европа, Америка, Австралија.

Релативно ниските плати и функционирањето во хибридни, партиски-оптеретени системи дополнително ги демотивираат квалитетните да работат и напредуваат, а ги охрабруваат незаинтесираните да се провлекуваат во „дупките на системот“ во кој просечноста е предност, а желбата за промена кон подобро – причина за изолација од средината.

Едноставно, тука е храната на македонскиот колективен тренд 2006-19, во кој работливиот и учениот е „будала“, партискиот апаратчик – „манга“, а статистичко-партиската припадност – „виза“ за административна, продолжена пауза доволна и за да се стави некое ливче спортска и за да се испие кафе со кредитна картичка отидена длабоко во кредитен минус.

Во вакви околности, тековните активни генерации, упросечени по образование, убиени по стандард и моделирани според балканската социјална-медиа-поп култура од 1990-тите и почетокот на новиот милениум, се оставени да живеат во илузијата дека (преку социјалните мрежи) ги наоѓаат решенијата за проблемите и доаѓаат до „инстант-вистината“. За „да ги откријат светските завери“, за да се надеваат дека за среден домашен и професионален живот им е доволно мебелот да им е наместен по „фенг-шуи“, да „измедитираат“ меѓу две Инстаграм-сесии, да споделат икона-две на Фејсбук „за здравје“ додека го варат чајот од кромид, зелка и половина лимон како панацеа за лекување „од зглобови до рак“… За гротескното да го надвладее пристојното, шпекулативното да го исмее фактичкото и никој да не бранува во барата.

Со се што е наведено – никој веќе не се изненадува што најпрво се иселија оние што немаа што да изгубат, а сега се иселуваат оние што изгубиле верба дека има за што да се борат тука. Никој веќе не се изненадува што секоја година земјава губи по еден просечен град од 30.000 жители. Неповратно. Затоа што политичката елита која контролира се во партиски запоседнатиот систем, нивните потесни и пошироки семејства и бизнис-ортаци всушност и се среќни дека за нив „ќе се ослободи место“ за да бидат „елита“ на тоа што останало.

Тие десетици илјади иселеници годишно ни порачуваат дека ниту претходното, ниту ова не е нивното „(едно) општество (за сите)“. Ниту привлечно место за живеење, колку и да е родно. Тие не се помируваат со оваа општествено-психолошка состојба на „научена беспомошност“, како ментална состојба во која луѓето толку се навикнуваат да преживуваат во зададени услови, што со време стануваат немоќни да излезат од борбата за обично преживување и да се искачат повисоко на социјалната скала дури и кога ќе им се пружи можност за тоа.

Но, непомирливоста веќе станува општа карактеристика, што најавува дека ќе прерасне во пркос. На тоа укажува фактот што се погласно се поставува прашањето кој ќе го започне сопирањето на падот, индицирајќи дека такво нешто од ваквата власт веќе не се очекува.

Секако, за справување со состојбата има решенија и сите сме свесни дека тие се тешки, повеќеслојни и неопходни. Тие бараат да се дефинираат критичните точки, мерките и оние кои се подготвени да ги спроведуваат во процес што е и политички и општествен и економски и културолошки, но пред се – човечки. Бидејќи изворот на проблемите се партиите, сите се свесни и дека правовремени избори се само дел, но не и суштина на решението.

Извесно е само дека санкционирањето на непотизмот и (организираниот) криминал (во сопствениот табор), заедно со преземањето на потребните (тешки) чекори и мерки е нужен почеток. По цена и на партиска загуба. Во полицијата, образованието и здравството интервентно и паралелно во судството, јавната и државната администрација. За оспособување на економијата и задвижување на приватниот сектор и производствениот капацитет на стопанството воопшто. Чекор по чекор, но во брз од.

Во спротивно, џабе што Македонија стана Северна, кога ќе остане испразнета.

Низ оваа призма, да си признаеме, тековните лицитации со имиња за претседателските избори и големите политики баш и не се некоја тема, нели?