Металната ограда околу владината зграда е тргната. Пред Владата е кренато знамето на НАТО. А веќе табли со новото државно име се поставени на граничните премини. Сега сме безбедни. НАТО не брани, а Европа ќе не храни. А ете власта ни даде рок од 5 години да ги смениме патните докумети и да се навикнеме на новото државно име. Во врска со промената на нашето уставно име според еден напис во угледниот весник “The Economist”, историјата покажала дека може да бидат потребни години за промените да бидат прифатени од јавноста. И според весникот, нашата земја не е единствената што го сменила државното име е дека земјите ги менуваат своите имиња од различни историски и културни причини. И како други примери се посочуваат Чешка, Свазиленд, Бурма.

Да, вистина е дека нашата држава не е единствената земја во светот што го сменала своето државно име. Но, ајде да ги видиме и другите примери. Минатата година, африканското кралство Свазиленд се преименува во еСватини или поточно новото службено име е Кралство еСватини. Нацијата и државата се преименувани од страна на моќниот монарх за да се означи 50 годишнината од независноста на државата. Новото име еСватини е со цел да се потврди африканскиот идентитет и таа е една од малкуте африкански земји кои избрале да го задржат името што го користеле европските колонизатори по стекнувањето на независност на државата.

Друг пример е кога во 2016 година, Чешката Република го усвои името Чешка како официјална кратка верзија на нејзиното име. Така и двете имиња Чешка Република и Чешка се однесуваат на една и иста држава и двете имиња се регистрирани во базата со податоци на Организацијата на Обединетите нации. Преименувањето е со практична причина, а чешките лидери во изјава препорачуваат да се користи име со еден збор во странските јазици и во меѓународен контекст, а и со надеж дека промената на името ќе го подобри идентитетот на нацијата и ќе им олесни на компаниите да го користат новото име на производите, комерцијалните тагови и спортските дресови.

Мјанмар или позната по старото име Бурма, и двата збора се однесуваат за државата и на мнозинското бамарско население во таа земја. Всушност, официјалното име на државата е Република на Унијата на Мјанмар. Преименувањето на државата било спорно прашање, бидејќи различни малцински заедници во таа земја не го прифаќаат новото име на државата, затоа што тоа се однесува само на мнозинското население. Од примерите гледаме дека не сите се задоволни со промена на името на државите.

Република Македонија замина во историјата. Власта рече дека со влезот во НАТО почнува нова страница во историјата на нашата земја и дека веќе никој нема да не блокира однадвор. Да, точно е, никој нема да не блокира освен нашите соседи. Видовме дека и други држави го смениле државното име, но тоа било со цел да го зајакнат идентитетот, а не заради да ги направат своите соседи посреќни и позадоволни. Не верувам дека во иднина никој нема веќе да не блокира. Договорите со соседите можеби само за момент ги тргаат вековните проблеми на страна, но тоа не значи дека и трајно ги решаваат. А со нашите претенции за членство во Европската Унија, пред се најпрво ќе треба да се исправиме пред самите нас за да ги направиме неопходните реформи во целиот систем. За тоа ќе треба многу време и макотрпна работа, како и соочување со внатрешните пречки како корупцијата, непотизмот, мрзеливоста. А тоа се наши внатрешни вековни пречки, скоро исто како надворешните. Така што останува да видиме дали употребата на новото државно име ќе не направи подобри и посреќни. Адио Македонија. Со среќа Северна.