Македонското членство во НАТО ни е потврдена стратешка цел и политичка точка на широк консензус. Но, интересно е што во овој момент нашиот министер за одбрана е поприсутна во јавноста со идејата за неармиско обезбедување на касарните и тековно-политички прашања, одошто со активности за забрзување на ратификацијата на протоколот за членство на Македонија во НАТО на пример во Турција.
Претседателот на Републиката го третираше во барем два наврати прашањето на односите со Турција и особено барањата за екстрадиција на нејзини државјани. Еднаш деновиве, а прв пат на ова прашање се осврна и во самата кампања за претседателските избори. За волја на вистината, тој беше и единствениот кандидат со јасен став во прашањето. И посетата на претседателот на нивното Собрание овде мина без многу дополнителни информации, што се поклопи со впечатокот и од посетата на турскиот министер за одбрана кој и на заедничката прес-конференција со неговата македонска колешка не се осврна баш значајно на (забрзувањето) на ратификацијата на нашиот Пристапен протокол во НАТО.
Но, ако на оваа тема нема многу вознемирување бидејќи на ратификацијата на протоколот во јавноста се гледа лежерно и рутински (а не гледам причини за лежерност), другото прашање отвори многу повеќе непознаници и јавни реакции – идејата за надворешно обезбедување на касарните од агенции за обезбедување. Идејата се појави по случајот со лицето што се обидело неовластено да влезе во скопската касарна, а било спречено со употреба на огнено оружје. Случај за кој натаму не ми е познат правниот епилог. Не ми е познато и дека други држави практикуваат обезбедување на воените објекти од агенции за обезбедување, но ќе се изземам од листата познавачи на ваквите практики и ќе оставам низ јавна дебата да бидам демантиран во сомнежот дека (и по ова) би биле редок пример.
Бидејќи за секој што дава предност на цивилното политичко управување со одбраната и контрола над Армијата, што впрочем е вредност на модерната македонска држава по 1991, прашањето е посериозно од иронизирањето што го видовме на социјалните мрежи. Затоа, само ќе објаснам зошто сметам дека тоа е некорисен обид за македонски политички услови. Во прашање, имено, е чувството за уште едно потиснување на Армијата од политичката власт и партиските и бизнис интересите.
Процесот што во раните деведесетти години стартуваше како растеретување на политичките односи од армиското (офицерско) присуство во политиката засновано на идео-политичкото единство на армијата со единствената владејачка (и постоечка) партија, веќе по кризниот и посткризниот период 2001-02 (правилно) отиде натаму во демилитаризација на општеството и оптимизирање на поставеноста на АРМ. Но, особено од 2006, со премолчана политичка волја и меѓупартиска едногласност, практично прерасна во процес на подредување на армиските во однос на полициските потреби – од кадровски до материјално-ресурсни.
Пошироко гледано, овој процес некако е типичен за модерните корпоративни модели на политичко управување кои потоа се почесто го добиваа епитетот авторитарни, без оглед на номиналното демократско и плуралистичко уредување, и се проследени со оценките за видливо опаѓање на владеењето на правото.
Нивниот заеднички содржател е општествено-политичката доминација на безбедносната над одбранбената структура, што во нашиот случај може да се забележи во општиот однос кон Армијата и падот на односот кон неа како симбол на (заштитата на) државната независност и суверенитетот (на граѓанинот).
Тоа со години е забележливо особено во постојаното запоставување на армиските материјално-технички потреби, кои повеќе се задоволуваа со донации на опрема од САД одошто со суштински набавки на МО. Впрочем, останаа помешаните впечатоци за набавките на гуми за армиските возила и чизмите за војниците како еден од „врвните“ дострели на модернизацијата на АРМ, што јавноста оправдано ги дочека со подигрување поради гротескноста. А сепак и покрај таквото запоставување, институција во која јавноста манифестира неподелена доверба во сите анкети на јавното мислење е токму Армијата.
… ИЛИ ПОДОБРО Е ДА СЕ ЗАПРАШАМЕ ОД КАДЕ ДОАЃА ТАКВАТА ИДЕЈА?
Имам чувство дека реакцијата на јавноста за идејата за неармиско обезбедување на армиските објекти всушност настана како последица на порастот на бројот на (лица ангажирани во) приватни обезбедувања, кои по својот изглед и бројност веќе скоро се изедначија со униформираниот дел на органите за внатрешни работи, а со опсегот на покривање на „обезбедувани“ објекти и лица практично на полицијата и го оставија обезбедувањето јавни настани и површини и регулацијата на сообраќајот.
Обидот на министерот за одбрана за ретерирање низ „дообјаснување на идејата“ за обезбедување на касарните од агенција со поранешни припадници на Армијата затоа беше политички маневар за смирување на тензијата, но црвот на сомнежот е пуштен.
Едноставно, се постави прашањето кога тој што го контролира пристапот до касарните ќе започне да го контролира и излегувањето од нив и за чии потреби. Бидејќи откако полицијата ја потиснаа обезбедувачите, следна логична последица е армијата да ја потиснат платениците, за државата да остане само корупка на приватните партиско-клановски корпорации. А тоа не ќе да е баш по НАТО стандарди.
Comments are closed for this post.