Во денешната колумна наместо вообичаениот преглед и коментар на тековните политички случувања на домашната политичка сцена, во продолжение ви претставувам еден препис од досега необјавена „бомба“, а за која верувам дека на сите читатели ќе им биде позната содржината. Разговорот е „снимен“ помеѓу двајца многу добри другари, едниот се наоѓа во странство, таму работи и живее, а другиот другар е сеуште во Македонија и се подготвува да замине кај својот другар, но пред да замине да го проследиме нивниот разговор.

  • Ало, брат, како си, како е сега таму кај вас во Северна? Гледав нашиве ракометари од Вардар растур направија во Германија.

 

  • Така е брат, надвор растураме, ама дома ич не нѐ бива. Знаеш како е кај нас, од една криза во друга, криза нон-стоп, тоа ни е стил на живот.

 

  • Тоа го знам, туку ај кажи што има ново?

 

  • Пааа, еве сеуште се реконструира владата, па има еден од таму кај вас во Америка, од Чикаго пушта по некоја „бомба“, друго овие од власта се растрчале деновие во Европа да лобираат за датум да добиеме за преговори со ЕУ. И така е интересно, растрчано и бомбастично!

 

  • А чекај, у Европа влеговте ли?

 

  • Не бе брат, тоа ти кажувам дека очекуваме датум да преговараме, па после ќе влеземе.

 

  • А така велиш, ете сега се смени името за у НАТО, па сега велиш дека може и во ЕУ да влеземе?! Инаку со комшиите таму на Балканот како е?

 

  • Па, знаеш, ете со Грците се договоривме за името, со братјата се договараме за историјата, ете тука малку на север е натегнато, ама знаеш ваму како е, истата ја тераме уште од турско, и искрено не знам што бараме во таа Европа?! Сигурно си слушнал за тоа дека кога нас ќе нѐ примат во ЕУ, тогаш ЕУ ќе се распадне, па ние ќе станеме многу силна држава и ќе формираме нов сојуз со самите себе, и потоа другите ќе не молат да ни се придружат, хехехехе…

 

  • А, добро, а тоа животот не тргна ли веќе на подобро, па нели дојде животот?

 

  • Да, дојде брат, ама за премиерот и за неговите околу, а за другите уште пусто турско е!

 

  • А, нели 500 евра плата викаа дека ќе има?

 

  • Да, точно е и тоа дека има, ама тие што се советници на премиерот, а ние другите живееме само од воздух.

 

  • А, друго што ќе се пофалиш?

 

  • Па, во Скопје кон крајов на месецов ќе организираат некоја парада, гордо ќе парадираат.

 

  • Стварно?! Е па значи, таму во Северна не ви е досадно, од ова што го слушам многу ви е интересно.

 

  • Да, така е брат, овде никогаш не е досадно. Иначе, пак се шушка дека ќе има избори.

 

  • Абе што направивте вие, па секоја година избори. Нели, сега имаше?

 

  • Да, за да не ни биде досадно.

 

  • А добро, има ли уште луѓе?

 

  • Брат, искрено да ти кажам, човек не остана, а тие што се тука, се за гревота. Исто така велат дека в година ќе се преброиме, демек попис после 15-тина години првпат ќе се прави, ама не знам што ќе им е, кога знаат дека повеќе нѐ има во странство, отколку тука во државава. Туку, ајде да завршуваме со муабетов, и се гледаме таму другата недела.

 

  • Да, во право си. Ајде сега да не ја должиме со муабетов, може некој и да не прислушкува.

 

  • ОК, ајде тивко, шшшшттт, може и да не снимаат. КРАЈ.

 

п.с. Ликовите се производ на авторовата фантазија и секоја сличност со реалноста е случајна!