Ако на политиката гледаме на процес помеѓу соработка и конфликт меќу луѓето, тогаш историски погледнато ние тука на Балканот како повеќе да тежнееме кон конфликтот, а помалку кон соработка.

Така терминот балканизација во политичката теорија се одомаќинил со значење на процес на фрагментација или поделба на регион или држава на помали политички единици кои се непријателски настроени едни кон други. И никако не можеме да си избегаме од тоа „балканско проклетство“ што не следи од минатото.

Во тој лош дух од минатото е и последната одлука преточена во документ од источниот ни сосед, а во пресрет на состанокот на врвот на ЕУ кога треба да се одлучува за датумот за почеток на преговори со ЕУ. Источниот сосед ќе го поддржи започнувањето на преговори за зачленување во ЕУ, но нема да дозволи да се завршат преговорите, ако не се исполнат конкретните услови порзани со спорните точки од заедничката историја.

Така се покажа дека договорот за добрососедство со источниот сосед е само почетна точка за условување на нашиот иден пат кон ЕУ. Повторно пишување на историјата во интерес на источниот сосед ќе биде цената што ќе треба да ја плаќаме (и тоа на рати) за нивната условна поддршка за нашето идно членство во ЕУ. Ова е само една потврда дека не сме баш на правиот пат според власта, а најверојатно е дека тој пат кон ЕУ ќе има уште многу кривини и нагорнини.

Со договорот од Преспа јужниот сосед го доби монополот врз брендот Македонија. А ние со придавката северна како да го претставуваме северниот дел од нивниот регион Македонија. Со договорот за името јужниот сосед ги заштити своите национални интереси. Во иднина и од јужниот сосед треба да очекуваме дека ќе поставува услови за нашето идно зачленување во ЕУ. Значи се потврдува дека двата договори со соседите се само аргумент да соседите во иднина ни поставуваат услови во корист на нивните национални интереси.

Сите се сеќаваме кога доаѓаше „животот“ со оваа власт дека се појави Тиранската платформа. Токму во главниот град на западниот сосед, албанскиот премиер како пчела матица ги собра политичките лидери на албанските политички партии од земјава и преку заеднички документ се дефинираа националните интереси на албанците во Македонија и регионот. Тоа беше уште една потврда како соседите работат во заштита на своите национални интереси.

И сега кога се креираат настани за идните учебници по историја за Балканот, нашата чудесна земја како дел од франкофонијата по се изгледа дека овој пат нема да биде аминувана со laissez faire – laissez passer од францускиот претседател. Всушност тоа беше јасно уште со Стратегијата на Франција за Западен Балкан што пред некој месец ја објави токму Француската амбасада во Скопје. Токму според таа Стратегија на Франција порака е дека се потребни уште бројни реформи за регионот во доменот на политичката стабилност, безбедноста, економијата, социјалата за регинонот трајно да се стабилизира пред да се присоедини кон ЕУ. Така јасно е дека Западен Балкан сеуште ќе биде слепото црево на Европа.

А што правиме ние тука дома? Велат дека рибата се смирисува од главата. Веќе цело лето оддалеку се чувствува смрдежот на крминал и корупција на оваа власт. А веќе им го научивме стилот, најпрво негираат, потоа приведени молчат, а во апсаана веднаш ги фаќа желудочна киселина. И на каде тераме кога дома си патиме од криминогена власт што тргува со соседите по цена на нашите национални интереси. Политичките партии се растрчаа на терен како пред избори.

Навидум тренираат за избори, но всушност се уште се недоволно подготвени. Најмногу избори се потребни за доброто на сите нас. Јасно е дека ќе следи одложување на датумот за преговори со ЕУ. Тој датум кој е толку фамозен и очаен за власта, така што одложувањето овој пат ќе им биде порака да се подготват да заминат од државното кормило.

И понатаму остануваме во чистилиштето наречен Западен Балкан. А ако генерациите до сега во учебниците по историја учеа дека на овој ден „пукнала првата пушка“ во Прилеп, а потоа во Куманово против бугарскиот окупатор во далечната 1941 година, најверојатно следните генерации ќе учат од учебници по „европски терк во духот на добрососедството“.

И кога децата ќе ја прашаат учителката зошто пукнала првата пушка, учителката најверојатно ќе им кажува дека пукнала во знакот на добрососедството. А уште поверојатно е дека во иднина „добрите соседи“ ќе ни поставуваат услови да ги менуваме и државните празници. Нека е честит 11 Октомври – Денот на народното востание.