Ризикот од колапс на македонската надворешна и домашна политика е поголем од ризикот на колапсот на владата на Заев. Ова е кусото резиме по дводневната посета на владината делегација во Брисел.
Игнорирањето на се поотворените сигнали за непосакуваното, а се повозможно одложување на датум за преговори во моментот ја држи тивка политичката сцена, но забрзува нови динамики. Отворената најава на Заев при новинарскиот брифинг во Брисел дека „можното одлагање на одлуката за датум ќе ја стави во опасност владата“, тој ја поврза со својата водилка дека „неговата влада направила суштински напори и презела голем политички ризик во процесот на усвојување на Преспанскиот договор.“ Тука му е изворот и на најавата дека успорувањето на датумот за преговори практично ќе му одмогне во одржување на владиниот кабинет, кој дотогаш веројатно нема да биде ни значајно реконструиран.
ЗАЕВ ГО ПРОЕКТИРА БРИСЕЛ 2019 ВО ОНА ШТО БУКУРЕШТ 2008 БЕШЕ ЗА ГРУЕВСКИ
Оценките на премиерот кон последиците по неговата влада во случај на недобивање датум, парадоксално, се точни, но не се изненадувачки. Напротив, ги најавив во неколку наврати, уште пред претседателските избори. Затоа, следните редови не ги пишувам за докажување туку за подготвување за следните предизвици.
Позицијата во која тој се обидува да се постави е да се промовира во „единица мерка“ за стабилност во Македонија со регионална димензија, претставувајќи ја оваа Влада како единствена брана пред „национализмот и радикализмот“. Но, тој обид пропадна во моментот кога проба да го јавне бранот на политичката нестабилност во Албанија и да промовира пристап на издвоен датум за преговори само за Македонија.
Реално гледано, оценките и на самиот Брисел се дека политичкиот судир во Тирана е последица на тамошниот ветинг кој ги крши спрегите меѓу политиката и криминалот, процес што во Скопје го нема. Како што тука нема ниту реални реформи и владеење на правото, вон штанцањето закони со „европско знаменце“.
Затоа, кога ќе помисли да „ликува“ над протестите поради процесите во Тирана, Заев нека не се изненади ако се случат и во Скопје, но тука поради отсуството на системската пресметка со политичката криминализација и корупција. Што по сила на реалноста го кочи или не го спроведува Владата. Од 2017 – неговата.
Притоа и тој и Димитров сакаат да се претстават како жртви на Преспанскиот договор. А како што се виде и од последните избори, засега договорот е далеку помал проблем од немањето резултати во домашната политика. Но, тоа што со месеци не го кажуваат е дека нараснува(ше) премолчан(иот) европски консензус проширувањето да почека ЕУ да се пронајде себе во новите декади од XXI век. И дека тоа е пристап и во Париз, Хаг, Копенхаген, Мадрид… но и во Берлин. Ако тоа не го признаат, не ја кажуваат вистината, а ако тоа не го препознале, одговорни се затоа што и себе и нацијата ги довеле во заблуда.
Улогата на жртва не им минува и затоа што со Преспанскиот договор свесно се влезе во американската иницијатива за комплетирање на евро-атланската интеграција на Македонија, а не во проект на непостоечката европска надворешна политика. Хан-Могериниевското „тетеравење“ денес не е ништо повеќе од дипломатска куртоазија, која јавно нема да признае дека без „бран“, нема ни „П“ од проширување со земјите од Западниот Балкан, но дека и самото проширување со години токму Јункеровата Европска Комисија се трудеше да го одложи, за сега да си ја „ишка мувата од капата“.
А бидејќи ова му е познато, со последните маневри и изјави Заев всушност само сака алиби за инсталирање на истата состојба на „одврзани раце“ за него во економско-политичкото управување со Македонија и контрола врз институциите како Груевски по самитот на НАТО во Букурешт 2008.
Токму затоа, про-опозициското расположение (потенцирам про-опозициско, а не кон одредена партија) станува доминантно расположение што го избезумува естаблишментот, а особено владиниот. Тука интегративците можеби се покомотни, бидејќи успеаја да го илустрираат тивкиот шовинизам на владиниот врв покажан низ односот кон проширувањето „ние да, а другите нека се снаоѓаат“.
МОЖНОСТИ И ПРЕДУПРЕДУВАЊА
Партиските придобивки или загуби се небитни, кога станува јасно дека компетитивниот етноцентризам до 2016 создаде помали јазови меѓу Македонците и Албанците одошто лажниот граѓански концепт подјаден од владиниот партократизам, Жбогар-Пломп-Бејлиевско дипло-спонзорство и халабуката на нивните медиумски, политички и аналитички персонално-клановски проекти.
Исто како што владиниот став станува ирелевантен кога се премолчува обидот за бриселско потпикување на проектот за утешна награда за Албанија, БиХ, Косово, С.Македонија, Србија и Црна Гора низ некаква си „Западно-Балканска Унија“. Ваквите бриселски експерименти за десетгодишно одлагање на проширувањето со финансиски ветувања веќе не „дразнат“ никого, а шесте земји ги прави „гратис-пакет“ за источните влијанија. Се чини дека САД се далеку посвесни за ваквите ризици, па нема да биде изненадување доколку Вашингтон пристапи посериозно кон евро-интеграциите на Македонија и регионот одошто Брисел.
Тековниот пристап на Владата затоа се повеќе прераснува во храна за анти-ЕУ до анти-западни сентименти. Дел заради чувството на неправда во јавноста, но многу повеќе и затоа што ја соочува јавноста со фрустрацијата дека Европа во македонската влада нема преговарачки партнер со позиции, туку „нарикачки“ ансамбл. Затоа промената на (форматот на) владата, а пред се на манирот на владеењето е услов да се одржи евро-интегративниот процес и регионалната стабилност. Но и самата кохезија внатре нацијата, дури и со доделен датум за почеток на преговори.
Comments are closed for this post.