Македонија (о)станува Елдорадо за корумпираната политика и белосветскиот квази-бизнис. Бидејќи само таква може да биде тест-полигон за сомнителни инвестиции и за политички кариери што ќе се форсираат како потенцијални, се додека не завршат како големо разочарување. За кои тука не би имало место без корумпираната политика. И така во круг.

Индикативна е посетата на „Биг Мајк“, Мајкл Штрауметис, предводник на компанија за производи од канабис што медиумите го опишуваат како бизнис-естрадна „ѕвезда“ со неколку познати идентитети додека во деведесеттите ги избегнува властите на САД. Тој се сретнал со државни и локални функционери, од Заев до Филипче, но за тоа дознавме од неговиот „Инстаграм“ профил (?!), додека општи се проценките дека очекуваниот ефект на бизнисот со медицински канабис по македонската економија се минорни. Сега веќе не следиме дали Субрата Рој банкротираше по мултимилионскиот спор за измами во Индија, а во сеќавање од неговите „инвестиции“ остана само онаа гротескна „прослава“ на скопскиот плоштад каде започна рушењето на илузијата за „потемкиновите села“ на економијата на Груевски.

Интересно, сите овие ликови се појавуваат за да фрлат прав во очи секогаш кога треба да се замаскира очајот на власта која знае дека и се ближи крајот, па панично бара „инвестициска“ приказна и се расфрла со проекции во милијарди. Така, „Ауди“ во 1996 ќе покаже интерес за инвестирање во Македонија, „Фолксваген“ ќе се заинтересира во 2018, но овде нема да се стават ниту цигла за нивни фабрики, додека Биг Мајкови и Субрати ќе изигруваат инвеститори се додека нивната приказна не се распрсне како балон заедно со владината. Едноставно е, во сериозна држава Македонија, Биг Мајкови и Субрати би дошле како туристи или обични бизнисмени. А се додека тие се „инвестициски ѕвезди“

Ваква Македонија не е сериозна дестинација за вистински инвеститори

Кога велам дека е потребно да изградиме нова Република, најчесто прашање е дали станува збор за нова држава. Државните граници и луѓето во нив се тие што се, таа е истата држава што е независна веќе 28 години и самостојна во ју-федерацијата од 1944. Станува збор за функционализирањето на уредувањето и институциите во тој простор, на расположливите човечки и структурни ресурси и за нејзината економија.

Републиката е форма на уредување. Во неа граѓаните бираат претставници на кои им го пренесуваат правото на организирање на меѓусебните односи согласно вредностите споделени во заедницата во која живеат: слободата, праведноста, просперитетот, семејството, редот, на кои се градат моралните норми одразени низ законски регулативи на однесувањето и функционирањето. А државата е инструментот што ги гарантира и штити вредностите договорени од граѓаните низ примена на законите.

Вака гледано, тековниот судир на општеството и со оваа Влада е продолжение на генерацискиот судир со оние кои ги парализираа институциите и овозможија погазување на принципите и вредностите што убедливо мнозинство македонски граѓани изворно ги споделуваат со Западот, а општо се дефинирани како владеење на правото, заштита на правата и слободите и слободна економија.

Судирот е активен бидејќи луѓето сакаат функционална економија и работа, а власта пак сака контролирана економија и пазар на труд во кој партиите се работодавци и институциите под нивна контрола – извор на субвенции за „своите“. Граѓаните сакаат медиуми од кои ќе се информираат за да формираат свое мислење, а Владата сака медиуми што може да ги контролира за им да го формира мислењето. Луѓето сакаат да бидат општествено активни за да ги застапуваат своите уверувања, но во невладини организации, а не во проектни единици на партиските кланови. Граѓаните сакаат владеење на правото и правда пред суд, но ако тоа се случи овде го доживуваат како исклучок, а не како правило, затоа што и таа е заснована до блискоста до одреден правосуден или политички клан.

Од тука потекнува чувството на нас, милионипол македонски државјани што сеуште не сме отселени, дека живееме во заточеништво на пар парто-медиа-службо-бизнис фракции од еден извор кои вредностите на западната демократија сакаат да ги претстават како умешност да се цицаат институциите се додека тоа им е дозволено оти се „пријатели“ и „кооперативни“ со дипломатите. Иако на сите им е јасна равенката:

Каква политика – таква држава и економија. Во нашиот случај, засега – „на хартија“

Значи денес борбата со корупцијата што ги подрива институциите, економијата, општеството и – со тоа – луѓето во Македонија е обврска, а возможна е само доколку таа не е заснована на проекти и изјави на биро-апаратчици од типот на разни Жбогари, Могеринки, Хановци и сл. кои со своето досегашно (не)постапување практично и ја спонзорираа. Впрочем, за нив Македонија е прашање на мандат, а за Македонците и македонските граѓани од сите припадности – Македонија е прашање на живот.

Новата Република, значи, не е поврзана толку со „хартијата“ што стана побитна од нацијата, колку со градењето и примената на стандарди на живеење и непристрасна функционалност на институциите што треба да ни гарантираат пристап до нив. Само таа ќе спречи презирот на македонските граѓани кон своите политичари и институциите приватизирани од нив, како и кон западните дипло-бирократи што го премолчуваат и толерираат нивното поведение, да премине во одбивност кон сите нив, а Македонија (ќе) ја направи порозна мета за непосакувани влијанија.

Затоа нова Република мора да изградиме за нас самите. И тоа да го направиме самите ние. Таа е и процес и цел и потребна ни е и нам и на регионот и на интеграциите што ги посакуваме.