Баба Јана од Петкашинови, мажена во Дурловци, од село Герман, по ново Агиос Германос, од Костурско, Бог да и душа прости, веројатно се превртува в гроб. Додека била меѓу живите сигурно ни на сон не и паѓале најмалку барем две работи. Едната, дека еден од нејзините внуци, по име Игор Дурловски, ќе стигне до ѕвездените височини, што ги посакува секој оперски уметник во светот. И втората, дека истиот тој нејзин внук, во Македонија, државата за која сонувала и нејзината генерација, ќе стане симбол на чесност, издржливост, принципиелност, храброст, вистински борец за човечко достоинство, за правда и правичност…
Да. Игор Дурловски не излезе обичен маж. Тој излезе мажиште. Мажиште од родољуб и патриот. Без модринки по градите од премногу удирање со своите раце. Такви има еден куп. И за него, се покажа, не е важно како се објаснува патриотизмот. Дали како чувство за сопствената татковина или како тоа што политички ќе го направиш за подобро утре на своите граѓани. Се едно му е. Зашто, без никој да му каже го правеше и го прави и едното и другото. Со часови, денови, месеци, години наназад. И тогаш беше човек, уметник со светско име и реноме, кој достојно ја презентира неговата Македонија низ светските меридијани. Се до 27 април минатата година и настаните во Парламентот.
Истиот тој Игор Дурловски од тогаш стана „теририст“!? „Терорист“ незабележан во историјата на светот. „Терорист“ затоа што ја пеел химната на својата држава, Република Македонија. Истата таа Република Македонија, чие име несебично го ширеше по светот. И сега не чини! Мора да седи во домашен притвор. И, според нечии „големи планови“ за помирување и купување пратенички гласови за визирање на уставните промени со неопходното двотретинско мнозинство, мора да моли или, поточно, да бара политичка милост. Да. Не правда и правичност, туку чиста политичка милост!
Ама, како вистинско мажиште одлучи да не го прави тоа. И пред судот да ја брани својата чесност и невиност. А, колкумина други натоварени со обвиненија и пресуди го сторија истото? Најверојатно ќе се знае вечерва по полноќ, кога истекува рокот од предвидените пет дена за да можат да побараат амнестија. Повеќе од сигурно, нивниот број ќе биде мал, а како што сега стојат работите Дурловски може да биде и единствениот!?
Народот вели дека тенка, речиси незабележлива, е линијата меѓу чесноста и глупавоста. И секој може да го стави од оваа или онаа страна на линијата.
Но, таткото на психоанализата Зигмунд Фројд има дадено совет, што се содржи само во една, единствена реченица, со кој можете да откриете глупав човек.
„Прв знак на човечката глупавост е целосно отсуство на срам“, гласи советот на Фројд.
Значи, кога ќе се најдете во ситуација да ви е срам заради нечие туѓо однесување или изјава, или се чудите на некои налудничави постапки-веднаш знаете со кого си имате работа.
Очигледно, Дурловски тоа многу добро го знаел и проценил кој, кога и зошто му нуди да поднесе барање за да може, ама не мора и да биде амнестиран.
Но, дали исто тоа го знаат, на пример, поранешната министерка за култура и актуелна пратеничка Елизабета Канчевска Милевска, која не пропушта можност да ги потенцира своите вмровски корени со генерации, а меѓу луѓето се почесто се именува како Бети Прада. Веројатно заради нејзината скромност и секогаш елегантната тоалета. Или, пратеникот Крсто Мукоски, кој сигурно е модар по градите од сопствениот патриотизам, а луѓето веќе го препознаваат како Крсто Клисарот. Зашто, тој беше еден од пратениците, кој ги отвори собраниските порти и којзнае дали воопшто ќе се случеше 27 април, ако не го стореше тоа?! Ама, затоа премиерот Зоран Заев со сигурност знае дека Крсто Клисарот не бил „терорист“, што, нели, не важи и за Игор Дурловски.
А, ќе знаат ли обвинителите и судиите?!
П.С. По синоќешниот настап на премиерот Зоран Заев на Тв „24 отворено“ станува уште појасно дека знаел нешто и за Дурловски, ама молчел досега. Неговото чудење дали Дурловски ќе го осудите на 20 години, пак, може, ама и не мора да биде протолкувано дека оперскиот првенец не треба да биде осуден на 20, што ќе значи треба на помалку! Или, пак, воопшто да не биде осуден!? Останува да видиме дали и како судот и обвинителството ќе ја „протолкуваат“ неговата изјава.
Comments are closed for this post.