Измината недела помина вртоглаво и калеидоскопски – законот за амнетсија и неговото потпишување од претседателот Иванов; одлуки со кои на членовите на Судскиот совет на Република Македонија ќе им се исплатат додатоци во висина од 35 % од основната плата; предлози за дополнителни привилегии на пратениците во Собранието итн. Но, се чини дека впечаток направи и изјавата на рускиот амбасадор во Грција, Андреј Маслов, дека: „Русија нема ништо против договорот од Преспа за името, но се противи на членството на Македонија во НАТО“. Изјавата, зборува прилично и бара сериозен однос и разбирање! Во оваа прилика, јас не би правела задлабочени политички анализи, туку би почнала со сознанието кое го имам во врска со руската историска наука во однос на македонското прашање! Ова нека биде, само едно насочување на нашето размислување и сфаќање на темата!

Во надворешнополитичките планови на руските политичари, Македонија најчесто била третирана како територијална варијабла. Руските проучувачи на нејзината историја од XIX и почетокот на XX век, ја истакнувале жестоката борба на балканските држави за поседување на македонската територија. Борбата, пак, била директно поврзана со дефинирањето на националниот идентитет на автохтоното словенско население, кое го чинело најголемиот дел од жителите на оваа османлиска област. Повеќето од нив биле склони да го определуваат идентитет на „Словените во Македонија“ како бугарски. Поголем дел од тогашните публикации субјективно, па дури и тенденциозно ги објаснувале настаните што се случувале во тоа време во Македонија, со цел да се оправдала надворешната политика на Руската империја на Балканот.

По Првата светска војна, советските автори ја третираат историјата на Македонија, само од аспект на историјата на државите што ја поделиле по Балканските војни (1912/13).  Во 20-те години и во првата половина на 30-те години на XX век, ситуацијата во „македонските земји“ била анализирана главно во однос на можноста за дестабилизација на политичката ситуација во Бугарија, Грција и Југославија, односно од аспект на револуционерното движење во регионот и создавање на револуционерна ситуација таму. Треба да одбележиме дека во предвечерјето на Втората светска војна, советските проучувачи повторно се свртуваат кон македонистиката, при што А.Селишчев и С.Бернштајн (1938) го издвојуваат македонскиот јазик како посебен во јужнословенската група на јазици.

По Втората светска војна, проучувањата во СССР околу целиот корпус на прашања поврзани со историското и културното минато и сегашност на Македонија веднаш се соочиле со значителни потешкотии кои биле од идеолошка и политичка природа. На ова влијаел, конфликтот помеѓу Советскиот Сојуз и Југославија во 1948-1953, како и фактот што земјите што ја поделиле Македонија се нашле во спротивставени воени блокови (Грција – во НАТО, Бугарија – во Врашавскиот пакт), а СФР Југославија, нешто подоцна, станала предводник на неврзното движење. Македонското прашање ја зголемувало тензијата меѓу двата воено-политички блокови (за време на граѓанската војна во Грција), но влијаело на ослабување на „социлистичкиот фронт“. Почнале жестоки расправии меѓу југословенските, односно македонските и бугарските научници по прашањето дали постои македонска нација.

Кон крајот на 50-те год. од XX век, бугарската страна одбила да ги признае Македонците како национално малцинство и почнала да го смета населението во Пиринскиот дел како етнички Бугари, а Македонците кои живеат во Југославија, како вештачка нација создадена од политички интереси. Овие спорови околу народноста и јазикот на Македонците, меѓу Бугарија и Југославија (Македонија) довеле до ситуација, што македонскaтa тематика била целосно исклучена (забранета) од научната дејност на советските научници. Но, тоа не значело, дека истражувачката мисла запрела. Еден таков пример е првата советско-руската монографија за историјата на Македонија во XIX век, подготвена во 1969 г. од К.Л. Струкова, а објавена дури по смртта на авторката во 2004 г. Ништо подобро не поминал и учебникот „Историја на јужните и западните Словени“, подготвен од Факултетот за историја на московскиот универзитет во 1969. А, предходната година (1968) во „Избраните трудови“ на А. Селишчев македонските народни говори се претставени како дел од „бугарската јазична територија“.

Во следните, 70-те години, присутна е тенденцијата советските проучувачи да се држат до една средна линија, односно развојот на национално-ослободителното и културно-просветното движење во Македонија во поголемиот дел од XIX век да го прикажуваат како дел од општиот пат на бугарската национална преродба, а почетокот на формирањето на македонската нација да го бараат по Берлинскиот договор од 1878 година, кога се сменила „судбината на македонските земји и нивното население“. Во раните деведесети на XX век, во колективните дела за историјата на меѓународните односи на Балканот, објавени во постсоветскиот период, се појавија и поглавја посветени на историјата на Македонија. Авторите, со право укажуваат дека македонското прашање во различни историски периоди, изразувало различни содржини. Според нив, политичката компонента (по 1878) неизбежно довела до актуализација на уште еден аспект на македонското прашање – етничкиот, определувањето на националноста на автохтоното словенско население.

Република Македонија, која се стекна со независност во 1991 г., стана предмет на проучување на современите руски истражувачи. Сумирајќи ги нецелосните резултати од првите децении на постоење на државата, руските истражувачи истакнуваат дека Република Македонија е оптоварена со многу проблеми од економска, етно-демографска, надворешно-политичка природа и е во „политичка сива зона“ која се карактеризира со „синдром на бесплоден плурализам“. Во последнава деценија, современите руски истражувачи, истакнуваат дека македонското прашање, како и секој голем проблем во врска со историското постоење на народите и на државите, сè уште е отворено прашање и претставува научен и политички предизвик! Затоа, писаниево нека послужи за поука и наш правилен однос!