Почна новата 2020 година. Ги живееме првите денови од две илјади и дваесетата година од новата ера, дваесетата од третиот милениум, дваесетата од дваесет и првиот век, и првата од две илјади и дваесетите години. Оваа година е престапна или високосна година што значи имаме еден ден повеќе да му се радуваме и да се надеваме на подобро. Така секоја четврта година е високосна година за да се усогласи каледарската година со астрономската, односно со таа вистинската година што го означува периодот што нашата планета го прави вртејќи околу Сонцето. И така се интервенира во пресметувањето на календарската година додавајќи еден ден повеќе во февруари на секои четири години, а во спотивно без таквата интервенција со текот на времето би можело да се случи нова година да славиме во лето, а гроздобер да имаме во декември.

И како што се прави интервенција во календарската година за да не се отстапи од астрономската година, така и кај нас технички кажано се прави интервенција во политиката како што се случи со Пржинскиот договор за формирање на техничка влада со учество на опозицијата и таа техничка влада понатака има задача да спроведува парламентарни избори за да не дојде до поместување во сезоните, или технички кажано за власта да не забега од реалноста.

Минатата 2019 година власта направи неколку интервенции во политиката, но за жал на штета на сите нас. И како вообичаено во сеќавање ни останува сето она што ни се случило во претходната година лично, а богами и колективно. И така, колективно на сите нас минатата година власта направи промена на државното име, па имаше претседателски избори со можеби најниска излезност на гласачите, па се случи аферата Рекет и се покажа корозијата на правната држава, што доведе до целосна ерозија на специјалното јавно обвинителство или намески инсталираната инситуција од која што најмногу се очекуваше да спроведе правда во државата, па ни се случи француското НЕ за добивање на датум за отпочнување на преговори со ЕУ, и како за на крај на годината повторно се соочивме со аерозагадувањето што полека, но сигурно се повеќе го има од година во година и бавно, но сигурно нѐ убива сите.

И како што секоја нова година си посакуваме да ни биде среќна, така и оваа нова 2020 година посакуваме да ни биде среќна и подобра од минатата. Но, бидејќи е и престапна се надеваме дека оваа година нема да има интервенции на штета на сите. На политички план оваа 2020 година ја започнуваме со техничка влада и предвремени парламентарни избори на пролет. Со надеж дека на тие избори ќе се случи промена на власта и ќе дојде влада што ќе направи обнова на државата, бидејќи голема е штетата направена од минатата влада во минатата година. Ете оваа година конечно ќе влеземе во НАТО клубот за којшто цената ја плативме со промената на државното име. А во насока на евро-интеграциите останува надежта дека можеби годинава конечно ќе добиеме датум за почеток на преговори со ЕУ. Во однос на приближувањето кон Европа, ние веќе сме се приближиле, но за жал во негативен контекст. Минатата година за прв пат имавме негативен природен прираст со што започнуваме да наликуваме на земјите од регионот, каде што младите се повеќе се иселуваат. Но за точни резултати конечно ќе треба да се преброиме годинава, секако ако и тука не се случи некоја интервенција. Оваа нова 2020 године е престапна и имаме ден повеќе да се радуваме, нека биде среќна и конечно да го обновиме и направиме ова парче земја подобро место за живеење за сите нас. Среќно!