Значи, дефинитивно ова радикаливе на Красимир Каракачанов не те оставаат на мира, колку и да се трудиш да бидеш воздржан и да оставиш простор за дијалог и за надминување на недоразбирањата меѓу Македонија и Бугарија.
Во духот, нели, на тоа што го прокламираат и бараат властите од двете страни на границата-надминување на говорот на омраза, стереотипите, предрасудите на едните за другите, чистон за да и се даде простор на политикаљта во името на добрососедството, пријателството и заедничката иднина во ЕУ.
Ама, кога не оди, не оди. Ете, и самиот претседател Стево Пендаровски, палејќи на курбла, по точно еден месец од заедничкиот престој со бугарскиот претседател Румен Радев во Рим ни обелодени дека петте барања на официјална Софија, што Македонија треба да ги исполни ако сака да се одржи заедничката меѓувладина конференција за официјален старт на преговорите за членство на нашата држава во ЕУ, биле чист маркетиншки трик.
Зашто, вистинската пречка за напредок во преговорите се македонскиот јазик и нација, а тоа се точки по кои не можеме да правиме компромис.
Така сега вели шефот на државата. А, каде беше ова јавно да ни го соопшти уште пред премиерот и целата негова меѓународна свита да замине за Софија и уште еднаш, по којзнае кој пат да не бламира и понижува? Тогаш молчеше. И чекаше. А, што? Веројатно ни самиот не знае.
Само замислете како врховен командант на земја-членка на НАТО, претседателот Пендаровски слично или исто, со толкаво задоцнување да реагира во случај на опасност по безбедноста на граѓаните и државата?!
Нејси. Некоја будала од Бугарија, која се одѕива на името и презимето Искрен Веселинов, инаку носител на листа за претстојните парламентарни избори на коалицијата Бугарски патриоти-ВМРО, Волја и НФСБ за градот Русе, на својот ФБ профил си зема за слобода цела нација да ја направи геј!!!
А, повод за тоа нашол во скопската Парада на гордоста, што се одржа викендов. „Лажни родови, лажно минато, лажни нации! Да живее Скопје прајд!“, напишала меѓу другото будалата! Барем така пренесува порталот Гласове.бг.
Да се разбереме. Немам ништо против скопската парада. Дури мислам дека и беше скромно посетена. Зашто, според мое длабоко убедување, бројот на геј личности во државата е значително поголем. Особено оние кои се геј во душа и според водењето политика, а не според нивната чисто сексуална определба.
Ама тој чин некој од надвор, особено од Бугарија да го искористи и да не направи и геј нација и народ, и геј држава е навистина недозволиво и непростливо. Па, било тој да доаѓа од редовите на коалицијата на Краси.
А, нашиот премиер на времето се обиде да не убедува дека постоела некаква политичка разлика во ставовите на Бојко Борисов, Красимир Каракачанов и Румен Радев. И праксата само ја потврди реалноста, историјата, па ако сакате и предрасудите. Нашиот народ не попусто рекол „од го.но чоколадо не бидува“.
Петар Манџуков, пак, своевремно запишал една анегдота, која се памети до ден денес. Го запрашале Дервиш Ефендија, тогаш началник на скопската вилаетска полиција, како добар познавач на националната определеност на населението од Скопска Црна Гора, кој има повеќе право-„Србите“ или „Бугарите“. А, тој одговорил:„Ако разделиш едно лајно на две, која од двете половини ќе биде почиста? И едната е лајно и другата е лајно“.
И конечно предрасудите. Верувам дека постарите знаат, а помладите еве да ги потсетам дека главни ликови, кои ги симболизираат Бугарите, според предрасудите, отсекогаш биле бај Гањо и бај Вањо. И така, бај Гањо и бај Вањо во една пригода си шетале низ Софија. Како да им мине времето, бај Гањо здогледал едно лајно. И му вели на бај Вањо:
-Ами, виждаш ли го она лајненце?
-Виждам го, возвраќа бај Вањо.
-Ште ти дам 50 лјева ако го лапнеш, с,гласен ли си?
На бај Вањо му се виделе многу пари и се согласил, Го направил тоа што од него го побарал бај Гањо. Арно, ама, пустото, на обајцата им паднало мачно. Едниот добил, а другиот изгубил пари. А, пари си се пари. И бај Вањо одлучил да му врати на бај Гањо. Оделе по патот и сега бај Вањо здогледал лајно.
-Бај Гањо, виждаш ли го она лајненце?
-Виждам го.
-Ами, ште ти дам 50 лјева ако… Согласен ли си?
-Согласен сум, возвратил бај Гањо и ја завршил работата.
И така среќни и весели си продолжиле по патот. Туку, во еден момент обајцата се загледуваат и се прашуваат-Ами какво напраихме ние? Двамата лапнахме по едно…А, бај Гањо како по очиклен, заклучил:
-Ами, не деј се тревожи, напраихме обрт на парите!
Така е и со актуелната бугарска политичка елита, која со своето вето сака насилно да освои територија и да асимилира цел еден народ. Не е важно кој е на власт, важно е да направат обрт на парите. А, тоа што во меѓувреме ќе лапнат поединци, тоа си е нивна работа.
П.С. Откако вчера го слушнав премиерот како се фалеше во Дебар, дека тој бил Зоран Заев, кој се сретнал со францускиот претседател Емануел Макрон, не знам зошто и како ми текна на мајка ми, Бог да и душа прости, и на времето популарните Вилерови гоблени. Ги везеше и она, а најомилен и беше некој со наслов „Коњи на поило“. Сега гледам дека истите се уште се продаваат во рубриките за мали огласи.
Comments are closed for this post.