„Рекет“ е далеку повеќе од афера. Полека станува јасно дека таа практично е вовед во катарзата на расчистувањето на Македонија со нејзиното претходно системско наследство и поставеност на економско-политичките системи во финансиите, правосудството, медиумите, службите и – партиите и институциите.

Од политички ракурс, ја руши Владата со длабочината на инволвирани актери од власта, но шок брановите ги тресат и дипломатите, а треморот особено се чувствува во правосудството. Оваа фела сега е под посебна опсервација и ги вади на површина политичко-правосудните линкови што државата со години и децении ја карактеризираа како „заробена“ и со недоволно владеење на правото.

Ако прислушкуваните разговори 2014/15 го разобличија политичкото линкување со службите за партиски цели, отвореното партиско именување на екс-безбедносни бардови деновиве го раскринкува партискиот линк под превезот на „експертска“ соработка, овозможувајќи им на службите, со малку среќа и многу западна помош, дезидеологизирање и деперсонализирање во замена за функционализирање.

Паѓањето на маските во медиумската сфера со аферата само е забрзано. Дел поради генерациска промена, дел поради промена на самите медиуми во втората деценија од новиот век, а особено поради зреењето, општеството веќе не ги голта провладините дози „непартизам“ на омилените системски новинари и медиуми, што им се потребни како магла за грантовска поддршка од „традиционалните“ дипло-извори.

Последично, државно-локалната администрација стана последно прибежиште за вдомување на „вечните“ невладини активисти со провладино чувство кон владејачката партија и ги расчисти „вревачите“ што се гадеа од тоа што минатата Влада го правеше, но го поддржуваат сето она што сегашната го повторува во ист манир.

Иако личи дека ова „разглобување“ се случува со брзина на телевизиска сапуница, во која цела година секоја епизода носи заплет, а во три-четири дена се се решава така што позитивните ликови си живеат „среќно и весело до крајот на животот“, а негативците ја добиваат заслужената казна – далеку сме од расплетот, а хепи-ендот е особено неизвесен, се додека не сфатиме дека…

Банкарскиот сектор е последен рецидив во низата

Откако стана јасно дека „Рекет“ беше најавен уште на 18 декември лани со писмото на поранешниот американски амбасадор, интересно е да се потсетиме дека токму во тој период, крајот на 2018 и почетокот на оваа година, банкарскиот сектор доста беше раздвижен. Една банка доби нов значаен акционер што се стекна со место во управно-надзорната структура, а друга банка стана интерес на СЈО.

Ако се погледне надвор од традиционалниот македонски диоптер и се навратиме пар децении наназад, ќе се сетиме дека всушност отсуството на суштинска банкарска достапност на малиот и средниот бизнис настана поради банкарската вмреженост во сопственичката структура на оние што го доживуваме како големи компании од времето на раната транзиција. Таа вмреженост тогаш, а последично и денес, оневозможи навремена кредитна поддршка на малите и средните бизниси кои не се вклопуваа во рано-транзициското политичко милје. Затоа, личи дека силината на потресот од аферата „Рекет“ коинцидира со интензитетот на гласините дека токму обидот за промени во сопственоста во домашната банкарска сцена е „тригерот“ на пукањето на самата афера.

Извршната власт и нејзините министерства, управи, служби… и партиите се само во внатрешноста на кругот што го затвораат финансискиот, правосудниот, медиумскиот и безбедносниот систем. Сфаќањето на новата реалност и поглед низ призмата на земја со 2, а не 24 милиони жители одеше тешко за секој од набројаните системи, а последен во низа е токму банкарскиот. Со последично влијание на поставеноста, односно праксите на останатите.

Интеграциите ни се достапни колку што сме компатибилни со нив

Затоа, вонсистемското, партиски-службењачко-медиумски-правосудно „спонзорирано“ прибирање средства низ „Рекет“ за редистрибуција на капитал во паралелен медиумско-невладин-финансиско-партиски „картел“ не може да се ограничи на пар тривијални ликови и води кон македонскиот владејачки политички, партиски и бизнис врв, а до судско расчистување на аферата и казнување на инспираторите и сторителите – интеграциите се загрозени поради системската корупција и политичката неказнивост.

Тоа го оправдува и секое барање на опозицијата за уредување на иднината на СЈО паралелно со дефинирање на патеката за предвремените парламентарни избори. Кооперативноста на власта е во прифаќање на опозициските концепции за обвинителското гонење организиран криминал и корупција. Кооперативноста на опозицијата кон власта и странските партнери, во име на македонските интеграции, е токму придржувањето до принципите на политичката одговорност и на владеење на правото заради искоренување на неказнивоста на високите политички функционери, што ја потхранува системската корупција.