Илјадници граѓани вечерва излегоа на улиците на Охрид за да го прослават историскиот успех на ГРК Охрид, кој го освои својот прв европски трофеј, триумфирајќи во финалето на ЕХФ Европскиот куп против унгарскиот тим МОЛ Татабања.

По победата во преполната спортска сала „Билјанини Извори“, ракометарите, стручниот штаб и клупското раководство беа пречекани од бројни навивачи кои со песни, знамиња и овации го одбележаа најголемиот успех во историјата на клубот.

Централната прослава се одржа на Градскиот плоштад во Охрид, каде играчите го претставија трофејот пред навивачите. Од бината, ракометарите им се заблагодарија на охриѓани за големата поддршка што ја имаа во текот на целата сезона, истакнувајќи дека токму поддршката од трибините била еден од клучните фактори за историскиот успех на клубот. Прославата беше проследена со музичка програма и огномет.

Со победата во финалниот двомеч, ГРК Охрид за првпат во својата историја се искачи на европскиот ракометен трон, носејќи уште еден значаен европски трофеј во македонскиот спорт.

Играчите, членовите на управата и граѓаните на Охрид прославата на историскиот успех ја продолжија во ноќниот клуб во комплексот на спортската сала „Билјанини Извори“.

Градските власти, спортските работници и бројни јавни личности упатија честитки до клубот, оценувајќи дека успехот претставува значајна промоција на Охрид и македонскиот спорт на европската сцена.

Градоначалникот Кирил Пецаков и вечерва истакна дека огромна чест и задоволство што уште во првата година од проектот што го предводи тренерот Борис Ројевиќ постигнат е историски успех…

– Ројевиќ заедно со овие прекрасни момци кои што изгинаа на терен, постигнаа успех кој е од историско значење и за кој ќе се раскажува. Се надевам дека ова нема да биде последно, оттука продолживаме уште посилно, напред со Божја помош. Овој успех не е само за Охрид, туку и за Македонија…Се надевам дека како што дишевме заедно изминатите особено три-четири месеци, ќе продолжиме и натаму а успесите во таква атмосфера и пред се добра подготовка на тимот, нема да изостанат, рече Пецаков.