Добро е што со нашите драги соседи Бугари користиме иста, сесловенска азбука, кирилицата, што сега сакаат политички да си ја присвојат. Не за друго, туку заради буквите. И кај нас и кај нив „а“ си е „а“, „б“ си е “б“, „к“ си е “к“, „и“ си е “и“… Додуше, има мали разлики околу (не)употребата на темните вокали, ама сепак тоа не е причина за да не можеме да ги разбереме словата и да читаме текстови.
Со примери, тоа би одело вака-„А“ му доаѓа како Андреј, „К“ како Ковачев или двојната потврда со Красимир Каракачанов, „И“ како идиот(и)… И можат да се наведат уште многу други.
Сега да прашам дали знаете како од политички јастреб се станува обичен уличарски идиот? Не знаете? Искрено, не знам ни јас, ама најдобро е да ги прашаме бугарскиот европратеник Андреј Ковачев и вицепремиерот и министер за одбрана Красимир Каракачанов. Они сигурно знаат. Не дека се директни примери за тоа, скраја да е. Напротив. Со нивната политичка пракса и искуство можат подобро да го елаборираат тоа. Особено по нивните последни изјави, со кои ни го манифестираат нивниот милитаристички дух и добрососедски приод со кој дури ни кажуваат што и кога треба да славиме.
Само пред две недели градските власти ни се пофалија дека ги измила спомениците спроти прославата на Денот на востанието на македонскиот народ, 11 Октомври. И според бугараскиот вицепремиер и министер излегува дека непотребно го правеле тоа. Требало да ги земат одново брусалките в раце и да ги „дотераат“ спомениците за Втората светска војна по примерот на оној посветен на Благој Мучето во Струмица. Кој, нели, не загинал од „бугарски“, туку од „фашистички“ окупатор на Македонија.
А, којзнае, можеби еден ден ќе мораат и тоа да го прават. Ако премиерот Зоран Заев чисто политички се договори околу тоа со неговиот брат и пријател Бојко Борисов. Впрочем, имаат веќе едно искуство со Ѕвездата од Вергина. Само што блефираат, па не брусаат се, туку остават по некоја на шахтите или на клупите по парковите. Што би се рекло, прават колку за да замачкаат очи. И, мора да се признае, ќе биде интересно. Како хиерархијски ќе се спроведува таквата одлука. Заев сега ќе му наложи на Бујар Османи, Османи на Петре Шилегов, а овој на Саша Богдановиќ.
Во спротивно, Красимирчо ќе ни ги испрати неговите инженерци или партискиот подмладок. И ние сите, исто како на почетокот на последната светска војна, наредени во шпалири и со раширени раце ќе ги пречекаме на Плоштадот „Македонија“. За да се убедиме дека историјата некогаш се повторува како фарса.
А, за да си немаме вакви проблеми најдобро би било да го послушаме Андреј. Ковачев, де. Не некој друг Андреј. Тој ни го мисли најдоброто. Да си избереме некој друг ден за славење за почетокот на борбата против фашизмот. Зашто, тоа што се случило на 11 октомври во Прилеп и Куманово не било почеток на војна, туку чист терористички чин. Та, нели, ако сме биле друг народ, ќе сме имале меѓусебна војна, македонско-бугарска.
Е, сега, за да не биде меѓусебна или некаква граѓанска војна, Андрејчо ни вели дека „клетите“ комунисти и партизани биле терористи и во Прилеп и во Куманово извршиле само терористички напади. И ни дава рецепт како сме требале да ја славиме и толкуваме таа антифашистичка борба. Фашизмот е негативен, и требало да има јасна антифашистичка, антинационал-социјалистичка, ама и антикомунистичка борба. Е, тогаш работите би биле јасни. А, вака не се.
„Убаво“ и „добронамерно“ од негова страна. Само што има една голема дупка во неговото гледање на работите. Основно е тоа што Македонија и Македонците не ја ставиле Бугарија и тогашната власт на страната на наци-фашизмот, туку тоа го сториле победниците и светските, големи, демократски држави на Париската мировна конференција. И не случајно и одредиле да плаќа репарации. На пример, на повоена Југославија, што значи и на Македонија, Бугарија требало да и исплати воена отштета во висина од 25.000.000 долари.
И Андрејчо нека „не мрси“ многу против нашите и бугарските комунисти, зашто благодарение на Тито и на Димитров репарациите им биле простени. И тоа повторно на сметка на Македонија и Македонците. Зашто, „пазарот“ меѓу Тито и Димитров, согласно Бледскиот договор, бил Бугарија да не плаќа репарации, но затоа да ги признае Македонците во Пиринска Македонија и да им обезбеди услови за национален, економски и културен живот и развој.
И така било. За жал, само кратко. Тогаш, како и сега се покажало дека ако со Бугарија и Бугарите заедно садиш тикви, краставици ќе ти излезат.
Затоа, господо Каракачанов и Ковачев, ај Ве молам, марш таму! Берете си го вашето гајле, немојте нашето.
Comments are closed for this post.