– Зошто голема тајна? Луѓето се паметни. Тие можат да се справат со тоа.

– Една личност е паметна. Луѓето се глупави, панични и опасни животни. И ти го знаеш тоа. Пред илјада и петстотини години сите знаеја дека Земјата е центар на универзумот. Пред петсотини години, сите знаеја дека Земјата е рамна, а пред петнаесетина минути ти знаеше дека луѓето се сами на оваа планета. Замисли само што ќе знаеш утре“.

Овој дијалог е од сцена од познатиот фантастичен филм „Луѓе во црно“ кога агентот Кеј (Томи Ли Џонс) го регрутира идниот агент Џеј (Вил Смит) во тајната организација што работи со вонземјаните и му ја открива големата тајна дека на Земјата живеат вонземјани меѓу луѓето, а мнозинството луѓе на Земјата воопшто не ни знаат дека вонземјаните постојат. Нема да коментирам за вонземјаните, но поентата на дијалогот во суштина го објаснува проблемот со мнозинството луѓе и секојдневниот галопирачки раст со новозаразени од коронавирусот.

Гледаме дека деновиве секојдневно во многу земји се достигнуваат рекорди за бројот на нови пациенти заразени од Ковид-19 и се воведуваат дополнителни рестриктивни мерки. Пред неколку месеци Италија беше главното жариште на коронавирусот во Европа, а сега е Франција која деновиве воведе и полициски час.

Зарем после шест месеци од почетокот на пандемијата, мнозинството луѓе во светот и кај нас во државичево на научија дека вирусот постои и е многу опасен?! За жал, се чини дека многу луѓе како да подзаспаа малку во текот на летото, се релаксираа и подзаборавија на вирусот. А за кај нас тука во државичево, ама воопшто не сакам ни да коментирам. Ние како и секогаш сме некоја си оаза во секоја ситуација. Политичките водачи слепи, а народот стадо.

Ова со „стадото“ можеби алудира на „шведскиот модел“ за справување и борба со коронавирусот и обидите за постепено народот (стадото) да се стекне со т.н. имунитет на стадото. Но, вистината е дека шведскиот модел, колку и да беше фален како успешен пример за борба против корона вирусот на почетокот на пандемијата, всушност и овој модел не беше така успешен како што беше пофален, бидејќи придонесе за поголема стапка на смртност од коронавирусот.

И добро бе другари, да ве прашам дали се уште има луѓе што веруваат дека коронавирусот не постои? Вие што не верувате во постоењето на коронавирусот, зарем ќе се правите швеѓани кога вие или некој ваш близок ќе се заразите од вирусот и ќе го почувствувате вирусот на ваша кожа, тогаш ли ќе почнете да верувате?

Па и швеѓаните погрешија. Се вели дека е подобро да се спречи, отколку да се лечи. Верувам дека многу луѓе во последните шест месеци научија и прифатија некои секојдневни навики што ги штитат од коронавирусот како физичкото дистанцирање, носењето маски и миењето раце, но за жал сеуште многу од луѓето не практикуваат вакви мерки и не веруваат во постоењето на вирусот.

Така, замислете само што ќе знаете утре. Денес може да верувате дека вирусот не постои, но утре може да знаете дека некој ваш близок не постои поради коронавирусот.