Обвинителката Фатиме Фетаи во денешните завршни зборови за случајот „Монструм“ побара доживотни казни затвор за обвинетите, а за обвинетиот Сами Љута одлучи да го запре гонењето, зашто обвинителството не обезбедило доволно докази оти тој бил вмешан во петкратното убиство кај Смилковско езеро. Фетаи доживотните казни за делото териризам ги побара за Алил Демири, Африм Исмаиловиќ и Агим Исмаиловиќ, а за Хаки Азири и Фејзи Азири за  за помагање во убиството.

Обвинителката Фетаи, која го работи случајот Монструм од почеток кога тој беше преземен од страна на СЈО, рече дека врз основа на доказите се потврдува дека четирите момчиња и рибарот се убиени кај Смилковското езеро, а не како што тврдеше одбраната на обвинетите дека убиството било извршено на друга локација по што телата биле донесени кај езерото. Фетаи, рече дека трагите кај езерото, положбата на телата на земјата, крвта на убиените, куршумите и чаурите јасно покажуваат дека убиството е извршено крај езерото и дека тоа научно и со наоди на вешти лица се потврдува. Да беа телата донесени, ќе се најдеше некаква трага, на влечење по земја, материјални докази од облека, крв…, чаурите не може да се фингираат, рече таа.

Дека убиството е извршено таму е утврдено и врз основа на доказите, од кои дел произлегуваат од мобилните телефони, од листингот на разговори, како и од локацијата на обвинетите пред самиот настан, возењето со автомобил, како и исказите на Хаки Азири кои, како што рече, заслужуваат верба и се потврдува вината.

Фетаи го отфрли и тврдењето дека возилото „опел омега” било на полициските алфи. За наводите дека претходно во постапката не бил дозволен увид во возилото, таа рече дека е дозволен и извршен увид во предметното возило. Обвинителката ги поби и тезите за измислен загрозен сведок, како и за блискоста на убиените момчиња со децата на поранешниот претседател на Собранието, Трајко Велјаноски.

За петкратното убиство на 12 април 2012 година, кога беа убиени момчињата Кире Тричковски, Филип Славковски, Цветанчо Ацковски, Александар Наќевски и рибарот Борче Стефановски, во претходната постапка за случајот на доживотен затвор беа осудени Алил Демири, Африм и Агим Исмаиловиќ, Фејзи и Хаки Азири и Сами Љута.

Врховниот суд во декември 2017 година ги укина пресудите, ги ослободи од притвор осудените Агим Исмаиловиќ, Хаќи Азири, Сами Љута и Фејзи Азири. Другите двајца обвинети се во бегство во Косово од каде до сега никако да бидат екстрадирани. По укинувањето на пресудите, случајот „Монструм” го презеде СЈО и предметот беше вратен на повторно судење кое сега влезе во завршна фаза.