Во однос на историјата, мислам дека ова е прилично болно прашање што се отвора. Зоран Заев разговара за работи за коишто нормален човек, нормален Македонец не би ни помислил да разговара, а камоли да преговара за работи коишто се факт, коишто се непобитни.

 

Имено, македонската борба за државност и за национално осамостојување има јасен политички и историски континуитет којшто не може да биде пресечен и тоа е целта на Бугарија. Таа борба почнува во средината на 19. век преку преродбениците продолжува низ бројни востанија коишто се водени на македонска територија, на кои што круна е Илинденското востание, понатака доаѓа распарчувањето на Македонија во Балканските војни и Првата Светска војна.

 

Отпорот којшто се случува помеѓу двете Светски војни е практично едно живо востание коешто го имате на територија и на географска Македонија и на денешна Република Македонија. Круната таа битка ја добива на 2 август – Илинден 1944 година во АСНОМ, а своето финале го добива на 8 септември 1991 година со Референдумот за независност – истакна потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски денес при своето гостување во емисијата „Стадион“ на Канал 77.

Николоски додаде дека токму овие настани претставуваат јасен континуитет на македонската политичка борба за независност, државност и самобитност на македонскиот народ по јасно дефинирани позиции коишто се различни од сите наши соседи. А, тука разговори и преговори никако не треба да има.

Николоски вели дека ако има разговори и преговори за вакви прашања има тоа ќе значи поткопување на македонската државност, а тоа за жал е целта на Бугарија.

Протестите изникна од народот затоа што еден голем револт се случи кај луѓето за тоа што видоа што Зоран Заев прави и низ тоа интервју за БГНЕС сликовито покажа што работи во целиот изминат период и на што мисли да работи во периодот што доаѓа. Тоа не беше реакција само на ВМРО-ДПМНЕ, беше на едни пошироки општествени структури, на мое големо задоволство по подолго време, сепак, се јави и МАНУ, се јави и Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, се јавија и бројни општествени организации кои што реагираа. Реагираше и МПЦ, реагираа и незадоволни структури во СДСМ и во други политички партии коишто се од власта и секако реагираше и ВМРО-ДПМНЕ – рече Николоски.

Николоски посочи дека единствена причина што Зоран Заев не потпишал нов анекс со Бугарија е отпорот на граѓаните во Македонија.

Народот му покажа на Заев кај му е местото и да не чепка по националните интереси. Но, дали е вистина дека Зоран Заев незадоволен од работата на историската комисија затоа што не му потпишува се што политички ќе договори со Бугарија и затоа работи на компромитација на неколку нејзини членови. И работи на промена на историската комисија затоа што комисијата ја именува МНР со цел да се постави комисија којашто ќе потпише се она што е желба и политичка волја на Зоран Заев и Владата. Ова е легитимно прашање кое што ја интересира македонската јавност, а на кое што седми ден немаме одговор – потенцира Николоски.