Нема застој во откупот на јаболка и на праски, а состојбата постојано се следи,  вели  денеска портпаролот на Министерството за земјоделство, Соња Јанковска. Според информациите од надлежните, во моментот се врши откуп на јаболко и се очекува  во наредните недели да биде откупено целото јаболко од реколтата 2018 година и дека има дополнителна субвенција за производителите на јаболка од 3 денари по килограм за произведено и предадено јаболко во регистрирани откупувачи.

Според информациите од ресорното министерство, од реколтата 2018 година, 40.000 тони индустриски јаболка се извезени заклучно со 31 декември 2018 година. Од 1ви јануари до денеска откупени се уште 32.000 тони од кои извезени се 17.000 тони индустриско јаболко, додека 15.000 тони се откупени од домашните преработувачки капацитети.

Капацитети за складирање на јаболко и преработка се многу мали, за да може да се опфати целото производство  од една реколта. Повеќето земјоделци јаболката ги чуваат во импровизирани скадишни капацитети, велат од МЗШВ.

За да се реши проблемот, надлежните велат дека ќе  добијат  од Светска банка финансиски средства во износ од 30 милиони евра кои ќе бидат наменети за изградба на модерни откупни центри и преработувачки капацитети. Дел од овие средства ќе бидат искористени за изградба на модерни откупувачки капацитети или препработувачки капацитети во ресенскиот регион.

Инаку состојбата во Преспанскиот регион е далеку од нормална и личи на вистинска депонија од фрлените илјадници тони скапани јаболка. Според проценките од земјоделците со кои разговаравме, фрлени се над 30 илјади тони јаболка и велат дека  кој каде стигне, таму фрла јаболка. Револтирани, оценуваат дека состојбата е катастрофална  и никогаш во историјата на Македонија и на постоењето на јаболкопроизводството не се памети ваква слика – масовно да се фрлаат  јаболките кои се произведени со мака, а земјоделците наместо да заработат,  се во тотална  загуба.

Состојбата е уште по загрижувачка, поради тоа што  јаболките масовно се  фрлаат по реки, по заштитени  подрачја, на брегот од Преспанското езеро, со што постои опасност од еколошка катастрофа.

Пред  само неколку месеци,  истите земјоделци алармираа дека постои опасност јаболката да не бидат откупени и дека станува збор за огромна количина од над 70 илјади тони  јаболка.  Здруженијата  беа на неколку средби во ресорното министерство, а владините претставници  ветуваа помош.

Останува фактот дека Владата  не успеа  да создаде услови за организиран откуп на производството.

Со оглед на тоа што министерот за земјоделство Љупчо Николовски со една нога е веќе надвор од оваа функција, земјоделците се оставени сами на себе, а очигледно не помогнаа ниту субвенциите.