Од криминалните случаи во Еуростандард банка можат да научат и светски криминални бандити како се крадат депозити од банка. Тие можат и да им позавидат на нашиве банкарски бандити и воедно нивни колеги кои покрадоа речиси 60 милиони евра од нас обичните граѓани и фирми, а кои сеуште шетаат наоколу неказнето, слободно живеат и уживаат со нашите пари и по потреба глумат жртви и невини личности. Навистина, за сторениот организиран криминал преку масовен грабеж на депозити спроведен од Трифун и Коста Костовски и директорот на банката назначен од нив Николче Петкоски, може да се учи и проучува и на врвните светски криминалистички школи, ова денеска преку соопштение до јавноста го истакнаа од Здружението на оштетени штедачи на Еуростандард банката.
„Овој криминал не би бил така добро организиран и спроведен да не била вклучена и гувернерката Анита Ангеловска Бежоска како прв претставник од високо поставената државна Народна банка. Наместо да го запре и спречи мегаломанскиот криминален зафат од стотици ненаплатливи високоризични кредити од десетици милиони евра делени и поделени со јавно познати и непознати сопственици и управители од избрани фирми, гувернерката Бежоска молчела и слепо гледала знаејќи дека овој голем криминал неможе да трае вечно и кога тогаш ќе го види крајот, а банката таа ќе ја затвори. Тоа било неминовно да се случи при ваков неконтролиран грабеж на депозити, само било прашање на време и интерес.
Во овој добро осмислен, организиран и реализиран грабеж учествувале сите оние 149 фирми наведени во извештајот за Еуростандард банка на стечајниот управник Душко Тодевски. Сите тие сопственици и управители на фирми добро знаеле за криминалот бидејќи очигледно и лично учествувале и биле вградени во распределба на пленот. За тоа дали завршиле нашите пари кај овие наведени фирми и биле извадени и поделени во готово или пак продолжиле да се трансферираат понатаму на други банкарски сметки, може лесно да се увиди и утврди и од операторот на платен промет во земјава КИБС, системот каде што се трасираат и каде постојат записи од сите трансакции направени во земјава. Арафат Муареми, директорот на Управата за финансиска полиција, неодамна на телевизиско интервју на ТВ24 обзнани дека во позадина на овие фирми од извештајот за банката постои поголема мрежа и од други фирми каде се трансферирале нашите пари во вид на краткорочни „позајмици“, со голема веројатност да таквите трансфери помогнат и да се сокрие трагата на парите. Дека „позајмици“ се делеле преку некои од наведените фирми јавно потврди и поранешниот директор на банката Николче Петкоски, еден од водечките криминални бандити од ограбената банка, кој одобрил и дал кредит од 1,2 милиони евра на фирмата на својот вујко. Таа фирма, за која веќе пишувавме, така земените пари никогаш не ги ни вратила во банката, наводно очекувајќи да ги добие назад од така поделените „позајмици“ на други фирми, било да таквите трансакции се направени од вујкото на Николче Петкоски или пак спроведени интерно од самата банка со знаење на вујкото.
Во описот и пописот на криминалните шеми и активности спроведени од нашиве криминални бандити во ограбената банка се вбројуваат измами, фалсификувања, злоупотреби на службена должност и овластувања, перење пари и други приноси од казниво дело како и други малверзации и проневери. Како криминалот се развивал со текот на времето низ повеќе години, така активностите станувале се поинтензивни и многу инвентивни, за да достигнат кулминација последните години пред затворањето на банката во август минатата година. Примери за криминалот во банката има навистина многу. Од делење големи кредити на фирми кои не биле кредитоспособни да ги враќаат истите, фирми кои веќе пливале во долгови и биле несолветни, делени кредити без обезбедување, па се до одобрување на едно исто обезбедување за повеќе доделени кредити на различни фирми. И сето тоа не би било возможно да се спроведе ако гувернерката Бежоска ги почитувала законите во земјава и правото што и го даваат истите за да не заштити нас депонентите, граѓани и фирми, од ваков масовен грабеж. Уште пред неколку години, кога се констатирале сите овие злоупотреби и проневери во банката од делење на високоризични и непокриени кредити до перење пари и други приноси од казниво дело, гувернерката Бежоска знаела, можела но не вовела административна управа за да го сопре криминалот и да ги спаси нашите депозити од понатамошно крадење. Уште тогаш можела да ја вклучи и Управата за спречување перење пари и финансирање тероризам поради индициите за ваквите активности спроведени од раководството на банката, но и тоа не било направено. Наместо да ги одземе, и понатаму се одобриле и продолжила важноста на лиценците за работа на некомпетентниве банкарски бандити, што направило да тие бидат уште повеќе мотивирани за да продолжат да крадат и со засилено темпо. Бидејќи штом гувернерката Бежоска знаела но молчела за криминалот, а е законски обврзана и должна да ги спречи криминалците во нивните дејствија во банката, тие и понатаму продолжиле да ги крадат нашите депозити, а таа учествувала во грабежот заедно со нив.
За крај на ова запознавање на јавноста, да напомене дека организираниот криминалот во Еуростандард банка не се симнал самостојно од небо. По се изгледа истиот бил превземен од една друга голема банка во нејзино соседство. Има и такви примери кои наведуваат на тоа. Вистината мора да исплива на површина, крадците и криминалците да одговараат, а нашите украдени пари да ни се вратат во целост. Продолжуваме понатаму“, стои во нивното соопштение до јавноста.
Comments are closed for this post.