Жестоки критики од опозицијата на дебатата по однос на завршната сметка за 2018 во Собранието .За нив, 2018 година е една од најлошите години финансиски, со неостварени ветувања и потфрлања кај капиталните инвестиции. Лилјана Кузмановска од ВМРО-ДПМНЕ посочи дека завршната сметка е вистинска слика каде власта ги потрошила парите на граѓаните и дека оваа завршна сметка треба да биде освестувачки документ дека повеќе не може вака да се продолжи.

Ништо не остваривте. Имате само сомнителни тендери. Се нешто сомнително и се за што немате аргумент да го побиете. Мора да се ослободите од ова и вие. Граѓаните не знаат повеќе каде да одат. Од една страна направивте целокупната атмосфера и се ова дека ВМРО е криминално и дека има криминали. Вие за две години направивте ршум и граѓаните не знаат повеќе на кого да веруваат, рече Кузмановска.

Таа оцени дека има слаба реализација и потфрлање на капиталните инвестиции во патната инфраструктура, образование, здравство и социјала, оценувајќи дека во 2018 година има целосно потфрлање кај капиталните инвестиции.

 Сериозно сум загрижена од ова што е исполнето и како се завршила 2018 година. Има голем дел нереализирани ветувања. Како што тргнало опозицијата сигурно ќе дојде на власт. На овој народ му требаат аргументи. Ако е некој виновен нека се затвори. Да се направи политички прогон. Сами себе се испозатворивме, а тие што ги направија криминалите се надвор, рекетираат. Тоа е сремно и жално, рече Кузмановска.

Реплицирајќи, Костадин Костадинов од СДСМ рече дека опозицијата треба да биде прв критичар на власта, но, како што рече, без да шири лажни вести и да ги манипулира граѓаните.

Со такво ВМРО, со таква опозиција, со нерасчистени криминали уште долго ќе останете опозиција, истакна Костадинов.

Во репликата во однос на споменатите рекети тој наведе дека денеска обвинителката Вилма Русковска соопштила дека прв кој го пријавил случајот „Рекет“ е премиерот Зоран Знаев.

Работиме во интерес на воспоставување правна држава. Она што значи граѓанска обврска пред законите и Уставот, а најмногу пред граѓаните на Република Северна Македонија и тоа го направил премиерот, но на сметка на тоа има еден многу важен момент. Вчера поставивме две прашања во однос на случајот што сметаме дека доколку не добиеме одоговр може драстично да ја промени систуцијата дополнително и бараме независните институции детално да го разгледаат случајот, во интерес на правната држава и нормално во итнерес на сите граѓани на РСМ, рече Костадинов од говорницата на Комсијата за финансирање и буџет, повторувјаќи ги прашањата упатени до лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

Завршната сметка ја образложи заменик министерката за финансии Елези која истакна дека приходите во минатата година во Буџетот се реализирани во согласност со очекувањата. Расходите се извршувале редовно и навремено, а дефицит бил помал од проектираниот и изнесува 1,8 отсто од БДП.

 Вкупните приходи на Буџетот на Република Северна Македонија се реализираа во износ од 188,5 милијарди денари и истите се наменија за финансирање на расходите реализирани во износ од 200,1 милијарди денари. Остварувањето на приходите и расходите во наведените износи резултираше со дефицит на Буџетот на Република Северна Македонија во износ од 11,5 милијарди денари, при што истиот бележи помала реализација во однос на планираниот за 6,5 милијарди денари и е реализиран на ниво од 1,8% од БДП, појасни заменик-министерката.

Таа потенцира дека минатата година имало одлична наплата на даночни приходи со 99,9 отсто реализација од проектираното или во споредба со претходната година наплатата била подобра за 9,4 отсто.

Елези посочи дека финансирањето на буџетскиот дефицит во 2018 година се реализирало согласно со целите за прудентно управување со јавниот долг, односно со најнизок можен трошок и развој на ефикасен домашен финансиски пазар.