Премиерот Зоран Заев смета дека вложувањето во човечките ресурси за државата е значајно исто колку и капиталните инвестиции, особено, како што вели, во недостиг на работна сила, но и потреба за надминување на сиромаштијата и формирање средна класа која изминатите триесеттина години се изгубила. Тоа, како што изјави денеска, го овозможува ликвидноста на Буџетот и државата освен за капитални инвестиции има средства и за зголемување на плати, за субвенционирање на зголемување на платите, но и поголема помош на ранливите категории граѓани.

Човечкиот ресурс за нас е исто така драгоцен, како што е капиталниот ресурс што државата го создава посебно во време на недостаток на работна сила, во време кога сиромаштијата секако треба да биде таргет заради тоа што сакаме се повеќе да помагаме на посиромашните луѓе за создавање средна класа која, за жал, е изгубена низ овие три децении самостојност на државата. Преку ребалансот на Буџетот се отсликуваат нашите политики, прво преку јакнење на човечкиот капитал, имаме мотивација за подигање на платите, подигање на социјални можности коишто ги зголемуваме до 300 отсто, детскиот додаток, социјалната државна пензија и слично, тоа е се дел од владината Програма“, рече Заев, коментирајќи ги критиките на опозицијата дека со ребалансот се креира предизборен буџет, многу пари се одлеваат за социјала, а се крати на капиталните иневстиции.

Според Заев, реално државата дури сега собрала сили и капацитет да има финансиска можност без задолжување да ги примени најавените мерки, од кои дел се веќе законски решенија, а се реализираат и дел од социјалните додатоци.

Веруваме дека со капиталните инвестиции што се намалени за 50 милиони евра, а од нив остануваат 372 милиони евра, правиме одлична релокација на јакнење на човечкиот капитал“, потенцира Заев во изјава  по настанот за реализација на проектот на ЕУ и Светска банка за развој на регионалната инфраструктура.

Тој смета дека покачувањето на платите во јавната администрација не е доволна мерка  и најави дека Владата ќе работи на создавање можности за покачување на платите на сите граѓани.

Ќе продолжиме и понатаму. Мораме да ги видиме сите плати на граѓаните. Затоа зборуваме за таргет од 750.000 вработени во државата, од нив се 140.000 јавната администрација, другите 610.000 се граѓани коишто работат во приватниот сектор и тоа сакаме да направиме. Навистина финансиската ликвидност на Буџетот тоа го овозможува. Разговараме со коморите и со синдикатите и верувам ваквите политики ќе дадат резултат“, изјави премиерот Заев.