Македонската берза и пазарот на капитал се важен дел од економското функционирање на нашата земја и улогата и функцијата што ги имаат за раст и развој на економијата и компаниите се исклучително важни. Државата е тука да гарантира и обезбеди пазарни, слободни и транспарентни услови и односи во економијата како и атрактивна бизнис клима со еднакви можности, пазарни услови и правила за компаниите, истакна премиерот Зоран Заев во обраќањето пред учесниците на јубилејната 20-годишна конференција, што во Охрид ја организира АД „Македонска берза“.

Заев притоа посочи дека идниот развој на Берзата и на пазарот на капитал мора да бидат заедничка цел, оттаму што се работи за важен сегмент што придонесува за развој на економијата во целина, за јакнење на приватниот сектор и отворање на нови работни места.

Транспарентноста на компаниите на берзата ги прави поатрактивни за домашните и странските инвеститори и влијае позитивно на нивното корпоративно управување што воедно има позитивни ефекти во квалитетот на расположливите финансиски инструменти на пазарот на капитал“, истакна тој.

Премиерот пред учесниците на собирот во Охрид уште укажа на мерките што се спроведуват во насока на подобрување на условите за бизнис во земјата, како котацијата на континуираните државни обврзници од која се очекува позитивните импликации на среден и долг рок да ги почувствуваат сите заинтересирани страни – државата, инвеститорите и пазарот во целина. Го посочи и формирањето на Советот за развој на пазарот на капитал осмислен да ги согледа и канализира интересите на сите засегнати институции и субјекти поврзани со идниот развој на пазарот на капитал.

Информациите дека минатата година е забележан раст на прометот на Македонската берза за 120 отсто во однос на 2017 за премиерот се потврда дека земјата е на вистинскиот пат и оти се враќа довербата во македонската економија и расте оптимизмот на инвеститорите.

Во оваа мала земја во центарот на Балканот се очекува стабилна и перпсективна иднина, сериозна безбедност и сигурност, интеграциски процеси што веројатно треба да бидат за сите дополнителна мотивација да вложуваат на берзата, а преку тоа да помогнат и на државата“, истакна премиерот Заев.

Главниот извршен директор на АД „Македонска берза“, Иван Штериев истакна дека како и минатата година така и првите три месеци на тековната ја карактеризираат добри параметри, тргувањето со акциите е на слично ниво, владее оптимизам кај инвеститорите…

Финансиските резултати на компаниите за 2018 година агрегираната добивка е зголемена за 26 проценти, но секако пазарот има потреба од странски инвеститори, тие недостасуваат. Така многу е битно дали овие позитивни неекономски случувања како евроатлантските интеграции ќе придонесат за привлекување капитал. Простор за оптимизам има, но треба да се исполнат и некои предуслови. Имаме добри фундаменти како стабилност на банките, присутност на странски инвеститори“, забележа тој.

Штериев во обраќањето пред учесниците на конференцијата истакна дека објективно во целина пазарот на акции во земјата е прилично плиток, во ситуација кога не се знае дали може добриот резултат брзо да се подобри или некои лимити засега се веќе достигнати, недостасуваат јасно дефинирани одредувачи на цени, повеќе инситуционални инвеститори кои врз основи на темелна анализа ги формираат цените.

Остануваме промотори на концептот на финансирање на бизнисите преку берзата на дежурната тема за IPO. Сметаме дека без неколку емисии годишно не сме постигнале суштински квалитетен развој како пазар. Берзанскиот материјал се уште е главно производ на приватизацијата. Оттука креирање опкружување во кое некои компании повремено ќе решат да излезат на јавниот берзански пазар на сите регионални берзи им останува стратешка цел. Заложбите во тој правец мора да продолжат“, посочи Штериев.

Посочено беше дека со поддршка на Министерството за економија се работи на проект за обезбедување средства за надомест за трошоците на сите домашни компании што ќе се охрабрат да направат IPO и да котираат на берза.

На агендата на традиционалната конференција на Македонска берза се повеќе работни сесии и панел дискусии, на теми како „Геополитиката за Западен Балкан“, панел посветен на финансирање на коорпоративниот развој, панел посветен на обврзниците, како и посебни специјални презентации за потребата од локални берзи, спојување и преземање на финансиските инстиутиции од регионот, другата страна на подготовка на IPO, нови технологии.