Македонската берза и пазарот на капитал се важен дел од економското функционирање на нашата земја и улогата и функцијата што ги имаат за раст и развој на економијата и компаниите се исклучително важни. Државата е тука да гарантира и обезбеди пазарни, слободни и транспарентни услови и односи во економијата како и атрактивна бизнис клима со еднакви можности, пазарни услови и правила за компаниите, истакна премиерот Зоран Заев во обраќањето пред учесниците на јубилејната 20-годишна конференција, што во Охрид ја организира АД „Македонска берза“.

Заев притоа посочи дека идниот развој на Берзата и на пазарот на капитал мора да бидат заедничка цел, оттаму што се работи за важен сегмент што придонесува за развој на економијата во целина, за јакнење на приватниот сектор и отворање на нови работни места.

Транспарентноста на компаниите на берзата ги прави поатрактивни за домашните и странските инвеститори и влијае позитивно на нивното корпоративно управување што воедно има позитивни ефекти во квалитетот на расположливите финансиски инструменти на пазарот на капитал, истакна тој.

Премиерот пред учесниците на собирот во Охрид уште укажа на мерките што се спроведуват во насока на подобрување на условите за бизнис во земјата, како котацијата на континуираните државни обврзници од која се очекува позитивните импликации на среден и долг рок да ги почувствуваат сите заинтересирани страни – државата, инвеститорите и пазарот во целина. Го посочи и формирањето на Советот за развој на пазарот на капитал осмислен да ги согледа и канализира интересите на сите засегнати институции и субјекти поврзани со идниот развој на пазарот на капитал.

Информациите дека минатата година е забележан раст на прометот на Македонската берза за 120 отсто во однос на 2017 за премиерот се потврда дека земјата е на вистинскиот пат и оти се враќа довербата во македонската економија и расте оптимизмот на инвеститорите.

Во оваа мала земја во центарот на Балканот се очекува стабилна и перпсективна иднина, сериозна безбедност и сигурност, интеграциски процеси што веројатно треба да бидат за сите дополнителна мотивација да вложуваат на берзата, а преку тоа да помогнат и на државата, истакна премиерот Заев