ВМРО-ДПМНЕ: Државата се наоѓа на економското дно, сиромаштијата расте

Власта на СДСМ и Зоран Заев ја уништи македонската економија и им донесе сиромаштија на македонските граѓани, тврди ВМРО-ДПМНЕ.

Според опозициската партија, додека државата се наоѓа на економското дно, функционерите се богатат на грбот на граѓаните користејќи државни грантови, тендери и ги вработуваат своите блиски во државните институции за високи плати.

„СДСМ тотално потфрли на економски план. Заради лошите економски политики на власта, граѓаните се борат за парче леб, а доколку продолжи ваквиот тренд половина од граѓаните благодарение на СДСМ ќе бидат доведени на питачки стап. Откако криминалниот картел ја води државата постојано расте сиромаштијата. Преку 500.000 граѓани живеат под прагот на сиромаштијата, а власта дополнително удира по нивниот џеб и си ги згрижува своите мајки, татковци, сестри, браќа но и фризерки со парите на граѓаните“, смета ВМРО-ДПМНЕ.

СДСМ: Со успешните економски политики невработеноста е намалена под 20 отсто

Според СДСМ, пак, за повеќе пари кај граѓаните и подобар стандард: Невработеноста намалена под 20 отсто, платите растат, отворени нови 26.600 работни места.

Во соопштението испратено до медиумите велат дека во последниот квартал од минатата година забележан е пад на невработеноста на 19.4 отсто што е најниско ниво до сега. Во исто време податоците покажаа раст на економијата, БДП е зголемен за 3.7 отсто.

„Расте бројот на странски инвестиции, отворени се 26 600 нови работни места, растат платите, се намалуваат трошоците, намалени се казните, се повеќе пари завршуваат кај граѓаните“, велат од партијата.