Две години доцни изградбата на 400-киловолтна трафостаница во Охрид и 400-киловолтен далновод, а деновите во јавноста  излезе и информацијата  дека проектот вреден 48 милиони евра со кој земјава енергетски треба да се поврзе со Албанија   има опасност и да пропадне.

Во медиумите беше објавена информацијата  дека причина за доцнењето се кавгите во МЕПСО околу начинот на објавување на тендерите и немањето на градежна дозвола за проектот. Дел од медиумите соопштија дека неколку вработени алармирале дека тендерот се мести и  дел од нив биле сменети од нивните позиции. Интерно работниците сметаат дека добитниците на тендерите се веќе познати,а тоа се  две хрватски компании.

Според информациите, Василевски инсистирал тендерите за далноводот и трафостаницата да се спојат во еден, а неговите противници сметале  дека со тоа инвестицијата ќе поскапи за најмалку 20 отсто. Како што пишуваат дел од медиумите ако до декември работите не почнат да се спроведуваат , освен што ќе треба да се плаќаат пенали кон ЕБОР, од каде се обезбеди средства, постои опасност проектот да пропаден затоа што договорот за корисење на заемот со банката завршува токму тогаш.

Од МЕПСО остро ги демантираат ваквите тврдења. Проектот немало да пропадне. Тврдат дека двата тендери ќе бидат објавени овој месец, а договорите ќе биле склучени на есен. Велат дека проектите биле закочени од претходното раководство, а разрешувањето на некои луѓе било легитимно право на директорот, во случаи кога не се даваат очекуваните резултати.

Апсурден е наводот во кој се прејудицира дека се избрани фирми на тендери кои не се ниту распишани. Најодговорно тврдиме дека е чиста дезинформација дека е вршен притисок за спојување на двата тендера во еден. Напротив. Менаџментот има обврска да ги разгледа сите опции. Веќе одбравме конзорциум од реномирани странски консултанти со кои се ревидираат тендерските документации и сега се вршат последните подготовки пред објавување на два тендери“ – велат од МЕПСО.

Парите за изградба на трафостаница и далновод ги обезбеди претходната влада во 2015 година од ЕБОР со заем од 36 милиони евра и грант од 12 милиони евра. Државната МЕПСО во изминатиов период беше во фокусот на граѓаните поради вработувањата на блиски роднини на актуелни функционери, како и спорните набавки на скап мебел.