Министерот за финансии Драган Тевдовски и гувернерката на Народната банка Анита Анегловска-Бежоска денес учествуваат на Економскиот и финансиски дијалог помеѓу ЕУ и Западен Балкан и Турција, кој се одржува во Советот на Европската Унија во Брисел.

Економскиот и финансиски дијалог се одржува секоја година, со цел разгледување на Програмата за економски реформи на земјите кандидати за членство во ЕУ. Тој претставува завршен состанок за годишно оценување на макроекономските политики и структурни приоритети од изминатата година. На него учествуваат преставници на земјите членки на ЕУ, Европската комисија и Европската централна банка од една страна, а од друга страна министри и гувернери од земјите од Западен Балкан и Турција.

Во рамки на дијалогот ќе се одржи и тематска дискусија за структурните реформи кои ги спроведуваат земјите кандидати за членство во ЕУ со цел привлекување на повеќе странски директни инвестиции и зацврстување на економиите. Министерот за финансии Тевдовски ќе има свое обраќање во рамки на оваа дискусија.

На маргините на настанот, Тевдовски ќе оствари и повеќе средби со свои колеги од Европа, во насока на јакнење на соработката.