Американското Министерство за правда најави дека ќе истражува дали водечките технолошки компании ја користеле својата моќ за недозволено мешање кај конкуренцијата, пренесува БиБиСи.

Најавата не подразбира конкретно име на било која компанија, но е извесно дека Фејсбук, Гугл, Амазон и Епл ќе бидат под истрага, наведува БиБиСи.

Министерството за правда ќе го искористи нејзиното овластување да го истражи работењето на компаниите за кои се сомнева дека го кршат законот за конкуренција.

Предмет на истрагата ќе биде начинот на кој големите компании дошле до превласт на пазарот, нивниот однос кон конкуренцијата, како и начинот на кој се користат овластувањата добиени од големата мрежа на корисници.

Федералната комисија за трговија веќе се занимава со овој проблем, а слична истрага спроведуваат и институциите од Европската унија.