По рекордниот раст на просечната плата во декември 2018 година од 8,1 отсто, продолжува растот на платите. Платите растат и во 2019 година. Според официјалните податоци, просечната плата во јануари оваа година изнесува 24.517 денари, што е за 2 отсто повисока од просечната плата исплатена во јануари 2018 година,  велат од СДСМ.

Трендот на раст на платите што започна со зголемувањето на минималната плата, дополнително ќе се интензивира во следниот период. Платите ќе растат во сите сектори, предвидени се покачувања на платите од 5 отсто во образованието, здравството, детските градинки, одбраната, полицијата, судството. Позитивните економски политики и зголемената помош кон претпријатијата, отвораат можност за раст на платите и во приватниот сектор. По рекордниот број странски инвестиции, растот на индустриското производство и извозот, растот на просечната плата е последниот економски показател што ја докажува успешноста на економските политики на Владата предводена од СДСМ, велат одтаму.

На ова соопштение вратија од ВМРО ДПМНЕ. Велат дека граѓаните земаат просечна плата помала за 1200 денари.  Криминалната власт на СДСМ и Зоран Заев ја уништи македонската економија и им донесе сиромаштија на македонските граѓани. Просечната плата, наместо да расте, се намалува. Граѓаните земаат помала просечна плата и тоа помала за 1.200 денари, велат од ВМРО ДПМНЕ

Според податоците на ДЗС просечната месечна исплатена нето-плата по вработен, во јануари 2019 година изнесува 24.517 денари. А, пак просечната месечна исплатена нето-плата по вработен, во декември 2018, изнесува 25.784 денари, со што сега има намалување за 1.200 денари.СДСМ тотално потфрли на економски план. Заради лошите економски политики на власта, граѓаните се се повеќе сиромашни. Преку 500.000 граѓани живеат под прагот на сиромаштијата, а власта дополнително удира по нивниот џеб. Дека СДСМ се неспособни говори и фактот што во јануари реализацијата на капиталните инвестиции изнесува срамен 1%, а извозот бележи пад од 1,9% споредено со минатата година. Да биде уште потрагично имаме пад од дури 12,6 проценти во ИТ индустријата, велат од ВМРО ДПМНЕ.