Фабриката „Нутела“ на северот од Франција, каде дневно се произведуваат 600 илјади тегли од овој крем, парализирана е веќе една седмица заради штрајк на работниците кои бараат повисоки плати, известија денеска претставници на синдикатот.

Фабриката учествува со една четвртина од вкупното светско производство на овој сладок крем, известуваат француските медиуми.

Околу 160 работници штрајкуваат од понеделникот минатата недела, изјави Фабрис Коншел од синдикатот „Форс Уврије“, пишува Франс24.

„Ниеден камион од тогаш не влегол или излегол од кругот на фабриката“, додава тој.

Производството на „киндер буено“ стои речиси една седмица, а од четири производствени линии „нутела“ работи само една и тоа со 20 отсто од капацитетот, наведува Коншел и напоменува дека „полека снемува сировина“.

Работниците бараат зголемување на платите од 4,5 отсто, како и бонус во износ од 900 евра, а управата понудила покачување на платите од 0,4 отсто.

Во Фереро не сакаат да го коментираат штрајкот. Во интерна порака, од управата до која француската агенција имала увид, порачале дека „блокирањето на пристапот до фабриката е потполно незаконско“ и се заканија дека ќе побараат судски налог како би се обезбедил пристап. што преставникот на синдикатот го оценува како „неприфатливо кршење на правата на штрајк“.

Производителот на Нутела изминатите години се соочи со бројни проблеми, дел од нив заради слабиот род на лешници во Турција, која е најголем светски извозник.