Меѓу осум и 10 милиони евра им се на располагање на земјоделците преку ИПАРД 2 програмата со мерката „Диверзификација на фарми и развој на мали бизниси“ за којашто денеска е објавена најава за повик. Во наредните 30 дена земјоделците ќе може да ја подготват неопходната документација и барања за да аплицираат.

Како што информира ресорниот министер Љупчо Николовски, јавниот повик ќе биде објавен во наредниот период, а за добивање финансии ќе се конкурира по принципот на кофинансирање. Согласно програмата, 65 проценти од прифатливите трошоци за реализираната инвестиција ќе им бидат вратени на апликантите преку средствата на ИПАРД 2 програмата. Може да се аплицира за инвестиции за модернизација на постојни или отворање на нови погони за производство на тестенини, колачи, фарми за одгледување зајци, дивеч, насади за дрва и дрвена маса, отворање кино, радио или локална телевизија во рурална средина, сместувачки капацитети и ресторани….

 Преку оваа мерка го развиваме најмоќниот дел на економијата – малите и средни претпријатија. Овие инвестиции дополнително ќе придонесат за развој на руралните средини, преку отворање на нови агро бизниси, рече Николовски.

Според него, во изминатите две години преку олеснување на сите административни процедури драстично е зголемен бројот на поднесени барања и склучени договори. До крајот на годината очекува  исплата на 8,7  милиони евра преку  ИПАРД програмата.

 Сите заинтерсирани при аплицирање треба да водат сметка потребните документи наведени во Упатствата за корисници да ги обезбедат уште при поднесување на барањата, рече Николче Бабовски, директор на Платежната агенција.

Тој истакна дека е сосема реален Извештајот на Европската комисија каде се укажува на ризиците од исплатата на расположивите пари со ИПАРД и за подобрување на капацитетите на Платежната агенција.

 Агенцијата навистина се уште треба да ги зајакне капацитетите. Веќе исплатените три милиони евра  покажуваат дека сме на добар пат, а имаме цел до крај на годината да исплатиме 8,7 милиони евра, со што ќе го покриеме делот на извештајот кој е во правец на очекување да се апсорбираат средствата што се на располагање, рече Бабовски, одговорајќи на новинарски прашања.  Покрај 20. редовни вработувања и 28 кои почнуваат неделава, ќе има и дополнителни 20 со што ќе се зајакне кадровскиот потенцијал за користење на средствата од ИПАРД. Се работи и на решавање на просторниот потенцијал на Агенцијата, што е исто така нотирано во Извештајот на ЕК.

Претстојниот е втор повик за мерката седум од ИПАРД програмата. Со првиот повик  за таа мерка се склучени 23 договори со инвестиции во износ од 4,3 милиони евра.

На првиот повик од ИПАРД 2 програмата се склучени 947 договори со кои се побарувале 22 милиони евра. Од тие барања 868 субјекти ја завршиле инвестицијата и побарале поврат на парите. На 230 апликанти веќе им се вратени три милиони евра за реализираните инвестиции. Како што поминуваат последните контроли, така и другите баратели ќе бидат доисплатени, рече Бабовски.

За мерките 1 и 3 од Програмата пристигнале 1.164 апликации преку кои се побаруваат над 25 милиони евра за модернизација на земјоделски стопанства и инвестиции во преработувачки капацитети. За мерката 1 имало 1.099 апликации и се побарувале 17,1 милион евра, а за мерката 3 пристигнале 65 апликации за инвестиции во преработувачки капацитети кои побаруваат 15,4 милиони евра.

 Со 14 апликанти потпишавме договори за реализација на инвестицијата што е рекорден рок на обработка на барањата. Вредноста на склучените 14 договори е 1,4 милиони евра, рече Бабовски, посочувајќи дека земјоделците и агробизнисмнените научиле дека треба да поднесуваат комплетна документација