Сите мерки за исплата на субвенциите ќе се спроведуваат во време кога им се најпотребни за земјоделците. Следна фаза на исплата се мерките за растително, градинарско и овоштарско производство, а континуирано се прават проверки за средствата од субвенциите да стигнат до вистинските земјоделци, порача денеска директорот на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој (АФПЗРР) Николче Бабовски.

Тој посочи дека преку контролниот механизам се заштедуваат по два милиона евра годишно.  Во ИПАРД програмата, пак, има контрола пред потпишувањето на договорот.

Кај директните плаќања по закон треба да се спроведува контрола на примерок од пет отсто, во Европа тоа се прави кај 5,5 отсто од пристигнатите барања, а АФПЗРР токму за  да обезбеди наменско искористување, годишно врши контроли на 7,5 отсто од бројот на апликации. Контролата е зголемена со цел средствата да стигнат кај вистинските земјоделци, рече Бабовски во одговор на прашање на денешната прес-конференција во Платежната агенција.

Појасни дека во зависност од големината на злоупотребата се добива едногодишна санкција доколку е надминувањето е блиску до рамките на 20 или 30 отсто  или, пак, надминува еден милион денари, а доколку е поголема разликата се добива три годишна санкција, поточно една или три години не добиваат поддршка финасиска од АФПЗРР. Доколку, пак, е во рамките на дозволениот процент од 20 или 30 отсто, следи само намалување на целокупниот износ на субвенцијата за утврдениот процент на злоупотреба.

Анализите покажуваат дека нашите земјоделци се свесни и не влегуваат во ваков ризик, а најголемиот дел од злоупотребите се случуваа заради недоволна информираност и едукација, а некогаш и недоволна помош при пополнувањето на апликациите. За другиот дел каде се најдени намерни злоупотреби санкциите се ригорозни, односно актуелната и наредните три години не добиваат субвенции. Тоа се средства што многу значат за земјоделците, потенцира Бабовски.

Од годинава субвенциите не можат да надминат 180 милиони денари или 300.000 евра за најголемите корисници кои во минатото земаа милионски суми