Група  сопственици на земјоделско земјиште во атарите на кочанските села Тркање и Бања, излегоа на протест со барање да им се обезбеди пристап до нивите со изградбата на експресниот пат Штип-Кочани.

Земјоделците истакнаа дека над 500 хектари обработливо земјиште во месностите Валог и Конско, што се наоѓаат на катастарската граница меѓу двете села, ќе останат запуштени ако останат без соодветно сообраќајно поврзување.

Изградбата на магистралниот пат веќе е започната на оваа делница, а откако работите се интензивираа очекувавме да ни се обезбеди соодветен премин под патот, односно да се искористи сегашниот полски пат, што овде постои со векови. Направивме поголема почетна инвестиција во насад со лешници на површина од 10 хектари и планираме да го зголемиме за двојно, но ако не добиеме пристап за механизацијата, ќе бидеме принудени да се откажеме од производството, истакна Латинка Постолова, претставник на компанијата „Фили Ристовски“.

Освен што ќе се прекине и ќе стане неупотреблив постојниот полски пат, што меѓу месното население е познат како Пазарски пат, сопствениците се жалат дека за да стигнат до нивите, во иднина ќе мора да бараат алтернативни решенија.

 За да пријдеме до нивите ќе треба да обиколуваме околу 12-13 километри по беспаќе. Имаме имоти во атарот на селото Бање до кои досега доаѓавме за две до три минути, а во иднина ќе ни треба повеќе од половина час, при што ќе треба да влегуваме во селото и да се враќаме назад, каде што нема полски пат и теренот е непрооден. Под експресниот пат се гради некаков испуст за атмосферските води што е подалеку од полскиот пат, поради што бараме истиот да се помести овде и да се обезбеди мал премин за земјоделската механизација, истакна Славе Јорданов, сопственик на земјоделско земјиште.

Сопствениците на земјштето пред десетина дена доставиле барање до ЈП за државни патишта за да се направи увид на терен, но до сега немало реакција од надлежните.

Градежната механизација за изградба на ескпресниот пат Штип-Кочани на терен е ангажирана околу расчистување на трасата и подготовка на земјените работи, а според интензитетот на работа очигледно е дека на овој дел тие брзо напредуваат. Ако во наредните денови не се најде решение за поврзување на полскиот пат, односно изградба на сообраќаен подвозник, тогаш сопствениците на земјиштето ќе останат без пристап до нивите. Очекуваат позитивен одговор од државните институции, за да не пропадне сегашното обработливо земјиште.