Со нови осум милиони евра во пакетот „4 – КОВИД-екстра“ ќе бидат поддржани близу 90.000 работни места на месечно ниво, односно над 250.000 плати за последниот квартал од годинава, рече денеска премиерот Зоран Заев.
Одговорајќи на новинарски прашања по отчетот за сработеното на Владата во првите 100 дена, Заев истакна и дека голем дел од фирмите се стабилизирани. Сите оние, пак, што аплицираат за поддршка, се прифаќаат, но доколку ги исполнуваат условите. Флексибилни се и условите за да се реализираат максимално одвоените буџетски средства за оваа намена.
За ноември, иако уште се аплицираше, според податок од петокот, 56.000 вработени аплицирале и дополнително, во апликациите има самостојни вршители на дејност. Само во октомври се доставени 6.000 барања, така што надминуваме 60.000. Се прифаќаат сите барања. Убавината е во тоа што не аплицираат толкава бројка зашто помалку се погодени од компаниите, исполнувајќи го условот погодени повеќе од 30 отсто. Значи, голем дел од фирмите се стабилизирани, не го исполнуваат овој услов и затоа немаме таква апликација. Веќе втор пат се прави ваква мерка, фирмите, сметководителите и нивните правни служби се целосно упатени. УЈП е максимално флексибилна за да ги прифати сите барања, се даваат дополнителни рокови за пополнување на документите за да се исплатат сите средства. Интересот за аплицирање е максимален, рече премиерот.
Претходно, во отчетот, Заев нагласи и дека деновиве на 283.000 пензионери, самохрани родители и други ранливи категории граѓани им се испорачуваат по 6.000 денари што е вкупно 27,6 милиони евра.
Паралелно со спроведувањето на здравствената стратегија се работеше и се подготви четвртиот пакет економски мерки со цел одржливост на економијата, спас на работните места и грижа за никој да не биде изоставен. Активиравме политики и мерки за рестарт на домашната економија и за забрзан економски раст, цели што си ги поставивме да бидат најважни во Програмата за работа на Владата за мандатот 2020-2024 година. Главниот фокус при ребалансот на буџет за 2020 година беше на спроведување на антикризните економски мерки и на инвестирање во човечкиот капитал, односно образованието, здравството и социјалната заштита, рече Заев.
Во инклузивен процес, дополни, со консултација на сите засегнати страни, донесен е четвртиот пакет антикризни мерки во износ од 460 милиони евра. Во првите 100 дена од работењето на оваа Влада, се потпишаа и нови договори со 39 компании, како и 10 анекси на договори со вкупен инвестициски циклус од 56 милиони евра. Обработени и подготвени се за исплата барања до 150 компании кои претходните години имаат потпишано договори за поддршка на инвестиции во износ од околу 25 милиони евра.
Новиот пакет обезбеди нови 100 милиони евра поволни кредити од Развојната банка на Северна Македонија, како и грантови за туристичкиот сектор, за компаниите од услужните дејности и за организирање настани како свадби и слични, за самостојните вршители на дејности, занаетчиите и за многу други категории дејности. Околу 400 домашни компании кои токму во КОВИД кризата почнаа инвестиции вредни 100 милиони евра, ги поддржавме со 17,3 милиони евра директна буџетска поддршка, потенцира Заев.
Според него, енергетиката и енергетската ефикасност, заедно со дигитализацијата и сите други високи современи технологии се иднината на развојот. Мораме, порача премиерот, да фатиме чекор со трендовите за да имаме економски напредок.
Имаме одлука која ја реализираме – постепено преминуваме кон извори на чиста енергија преку примената на еколошките извори на енергија – водата, сонцето и ветерот, со цел постепено исфрлање од употреба на јагленот како извор на енергија. Донесовме одлука и за формирање тимови за преговори и преговорите се во тек, за наши државни инвестиции, во терминалот на течен гас, природен гас и за гасна централа во Александропулос, Грција. Оваа иницијатива, заедно со интерконекторот за природен гас меѓу двете земји, ќе обезбеди трајно и сигурно снабдување со гас за македонската гасоводна мрежа чија подготовка за градба е во напредна фаза. Заедно со надградбата на постојниот нафтовод, креираме систем кој ја прави Северна Македонија дистрибутивен центар за висококвалитетни горива на Западен Балкан, истакна Заев.
Во моментот, информира, се подготвуваат плански документации за интерконекторот со Косово и интерконекторот со Бугарија, а почнаа подготовките и за вториот интерконектор со Република Бугарија.
Напредокот во примарната гасоводна инфраструктура го прави многу блиску гасот до индустријата и граѓаните. Во тек е утврдување на условите за операторите кои покажаа интерес и ја поминаа првата фаза за изградба на секундарна мрежа за пренос и приклучок по ниски цени, достапни за граѓаните и стимулирачки за индустријата. Како резултат на стимулирање на политиките за чиста енергија, во овие 100 дена, е отворена и првата најсовремена фотонапонска централа на „ЕВН Македонија“ во Неготинско – Војшанци. Се поставуваат нови 62,5 мегавати фотоволтаици, коишто се во фаза на изградба, по пат на јавно-приватно партнерство, а успешно е завршен првиот дел од постапка за инсталација на 100 мегаватна фотонапонска електрана во Осломеј, каде државата очекува најмалку со 10% за ресурсите кои ги нуди. Десет мегаватната фотонапонска централа веќе сами како држава преку ЕСМ, ја градиме во Осломеј, рече Заев.
Соопшти и дека на потегот Крива Паланка – Куманово се подготвува инвестиција преку мерењето, потенцијално вредна 500 милиони евра за 400 мегавати ветерници.
Се работи исто така паралелно на три засебни проекти коишто почнуваат градба од вкупно 90 мегавати ветерници на странски и домашни инвеститори во Богданци, Демир Капија и Свети Николе. Истовремено се подготвува локација во Дебарца за 25 мегавати и дополнителни уште 200 мегавати по територијата на целата наша земја. Со поставената цел од 400 мегавати фотоволтаици и најмалку 200 мегавати ветерници во државата, правиме сериозен, многу сериозен исчекор да создадеме слика за нашата земја лидер во регионот во однос на чиста енергија, од обновливи извори, потенцира Заев.
Comments are closed for this post.