Откако го донесоа законот за зелените пазари, па ја одложија примената на истиот,  од Владата велат дека ќе продолжат консултациите помеѓу институциите, пазарџиите и другите засегнати страни со цел да се изнајдат заемно прифатливи решенија. На вчерашната средба се договорија да се договорат.

Премиерот Зоран Заев, министерот за економија Крешник Бектеши и претставници на граѓаните кои работат на пазарите на средба одржана вчера постигнаа согласност да продолжат консултациите меѓу институциите, пазарџиите и другите засегнати страни со цел да се изнајдат заемно прифатливи решенија, соопшуваат од Владата.

Владината прес-служба информира дека на средбата премиерот Заев и министерот Бектеши ги слушнале аргументите и барањата на граѓаните што работат на пазарите и ги потврдиле заложбите на Владата дека гласот на граѓаните се слуша при носењето одлуки што треба да бидат во интерес на граѓаните.

Премиерот Заев истакнал дека Законот за зелени пазари се одложува за една година и е постигната согласност дека ќе продолжат консултациите помеѓу институциите, пазарџиите и другите засегнати страни со цел да се изнајдат заемно прифатливи решенија што ќе бидат во интерес на пазарџиите и сите засегнати страни што работат во оваа област, во насока на воспоставување ред, намалување на нелојалната конкуренција и регулирање на дејноста.

На средбата присуствуваа граѓани кои работат на пазарите, а чие здружение е во процес на формирање и регистрација.