Утврдувањето на клучните области каде што може да се ангажира ЕБОР во земјава во текот на следните неколку години.  Ова беше  фокус  на разговорот  меѓу  делегацијата на оваа меѓународна институција и  раководството на НБРМ.

На средбата, како што се наведува во соопштението на НБРМ, акцентот беше ставен на дел од приоритетите кои ќе треба да бидат инкорпорирани во стратегијата на ЕБОР за Република Македонија за претстојниот четиригодишен период.

Раководството на НБРМ ги презентира согледувањата и оцените за македонската економија во целина, како и согледувањата и оцените за македонскиот банкарски систем и неговата стабилност. Исто така, одделно внимание им беше посветено и на идеите и можностите за натамошната соработка меѓу двете институции.

Македонската економија закрепнува, а банкарскиот систем во земјава е стабилен и солвентен. Тој е во кондиција којашто овозможува понатамошна поддршка на економијата, истакна гувернерката на НБРМ, Ангеловска-Бежоска.

Пред претставниците на ЕБОР,  гувернерката на НБРМ  посочи и на просторот за понатамошна консолидација на банкарскиот сектор, како и на потребата за развој на останатите сегменти на финансискиот систем и развој на алтернативните извори за финансирање, особено за малите и за средните претпријатија. Токму во овие сегменти се воочи простор за натамошна поголема вклученост на ЕБОР.

Гувернерката се осврна и на новата концепт-стратегија на ЕБОР за Република Македонија, укажувајќи на добро дефинираните приоритети, особено во областа на инфраструктурата и финансискиот сектор, како клучни предуслови за зголемување на конкурентноста и продуктивноста на економијата.

На средбата беше нагласена досегашната успешна соработка на ЕБОР со земјава и подготвеноста на оваа меѓународна финансиска институција за одржување на континуитетот во обезбедувањето поддршка за реформа на приоритетните сегменти. Меѓу другото, беше истакнато и дека постои простор за зајакнување на идната соработка и комуникација меѓу НБРМ и ЕБОР, којашто би вродила со заеднички проекти.

Ваквите посети на делегација на Одборот на директори на ЕБОР се редовни и се одвиваат на секои две до четири години во секоја земја на работење. Со ваквите посети се овозможува Одборот на директори да биде запознаен со економските и со политичките движења во земјата, како и со тековните и идните проекти во рамки на соработката меѓу земјата и ЕБОР, се додава во соопштението на НБРМ.

Досега ЕБОР има вложено над 1,8 милијарди евра во 113 проекти во Македонија, со цел поддршка на интеграцијата на земјава во регионалните и глобалните пазари, преку инвестиции и политички дијалог и особено преку интензивирање на соработката со клучните партнери како Европската унија и Европската инвестициона банка.