Оштетените штедачи во Еуростандард банка, кои преку нивното Здружение секојдневно упатуваат соопштенија до медиумите главно насочени кон Народната банка, во последните нивни обраќања ги обвинија и сопствениците на банката за „направен грабеж“ како и дека „повеќе од јасно“ е дека Трифун Костовски, неговиот син Коста Костовски и екс-директорот на банката Николче Петкоски „свесно ја иницирале, организирале и спровеле масовната кражба“.

„Трифун Костовски обвинува за организиран криминал и ги повикува ограбените граѓани и фирми на соработка. Но не наведува кој ја извршил кражбата на нашите депозити ниту пак лицата или субјектите каде завршиле истите. Тоа за него е непознаница. Како долгогодишен претседател на надзорниот одбор, Трифун Костовски потпишувал и одобрувал ненаплатливи кредити во милионски суми евра. Без или со мали покритија. Ниту почитувал политики и процедури за кредитен ризик ниту пак критериуми за одобрување на кредити според кредитна политика. Едноставно, заедно со неговиот син и претседател на кредитниот одбор Коста Костовски и претседателот на управниот одбор Николче Петкоски делеле ултра ризични кредити на избрани фирми на големо и без ограничување“, се вели во соопштението на Здружението.

Притоа се додава дека и по неполни шест месеци од затворањето на Еуростандард банка, наплатата на доспеаните кредити од правните и физички лица должници речиси и да не постои.

„Зошто е тоа така!? Затоа што Трифун Костовски и другите двајца ги поделиле нашите пари на вересија. Колку учествувале во поделбата на пленот со фирмите, сеедно, важно нашите депозити ги украле. Увидот во билансите на десетици од најголемите фирми должници на банката покажува дека тие се презадолжени, во најголем број случаи и повеќе од 90 отсто. Односот на долгот спрема капиталот на фирмите е повеќекратно голем. Дел од фирмите се затворени, некои во стечај, а трети се во таква состојба да немаат што да дадат. А и голем дел од нив имаат единствено меница како обезбедување на кредитите во милиони евра. Заедничко за сите овие фирми должници е што не платиле ниту една рата со години“, велат од Здружението на оштетени штедачи на Еуростандард банка додавајќи дека „криминалот во Еуростандард банка е чист како солза“, како и дека „банката пропадна поради повеќегодишен толериран грабеж на депозити“.

„Што треба уште да се објаснува или докажува!?“, прашуваат тие.