Угостителите се незадоволни од препораката на Комисијата за заразни болести нивното работно време дополнително да се намали и во периодот од 18 декември до 21 јануари да работат до 18 часот.
И во минатото и денеска ние како угостители ја почитуваме која било препорака на Комисијата за заразни болести и одлука која ќе ја донесе Владата. Она што не го добиваме ние е почитта од Владата во случај кога ќе не ограничи во работењето да ни ги надомести штетите и проблемите кои ни ги прават. Мерките ќе ги испочитуваме, а дали и кои угостители ќе може да функционираат со новите мерки не знаеме. Оваа препорака доколку ја прифати Владата треба да размисли на кој начин и дали ќе ги надомести штетите што ќе резултираат со овие мерки, истакна денеска Здравко Јосифовски од Независната угостителска комора.
Јосифовски вели дека загубите на угостителите се огромни, а дополнителен проблем им претставува и обврската за исплата на плати до јануари, а по основ на претходно земените субвенции, бидејќи како што рече мерките за нивно работење постојано се менуваат, а помошта никаде ја нема.
Во однос на денешниот состанок на Комисијата за заразни болести, Јосифовски вели дека тие биле само гости, а по однос на нивните барања немало никаква дискусија.
Од министерот Венко Филипче ни беше кратко напоменето дека се планира угостителски објекти да бидат затворени со 18 часот, со прашањето „Што имате да кажете?“. Наша среќна околност беше што навреме ги доставивме нашите барања и до Комисијата за заразни болести. Она што го претпоставуваме се случи, ниедно од нашите барања не беше разгледано, ниту дебатирано. Истите беа отфрлени ад хок, бидејќи решението за денешното ограничување на угостителските објекти беше донесено пред време. Денес беше фарса пред јавноста и Комората за на некој начин да се укаже дека одлуките што ги наумиле ќе ги носат без оглед на реалноста и ефектите кои тие ќе ги предизвикаат, вели Јосифовски.
Тој посочи дека ниеден угостителски објект во кој се почитуваат препораките и мерките не е извор на зараза, со исклучок на угостителските објекти кои не ги почитуваат протоколите.
На нашето прашање дали постојат конректни докази дека во некој угостителски објекти поради работата имаме резултат на ширење на заразата, ни беше укажано дека од страна на Комисијата дека такви резултати не постојат, нагласи Јосифовски од НУК.
Comments are closed for this post.