Собранието денеска треба да ја одржи 25-тата седница на чиј дневен ред е Предлог-закон за попис на населението, домаќинствата и становите во Република Македонија со европско знаменце.

Пописот треба да започне на 1 април следната година, а ќе го спроведува Државниот завод за статистика. Се очекува податоците да бидат готови за шест месеци.

Директорот на Државниот завод за статистика Апостол Симовски, минатата недела кажа дека пописот ќе биде со комбиниран метод, односно за разлика од претходните години, ќе има електронски прашалници на лаптопи и ќе има комуникација со бази од каде автоматски ќе се преземаат податоците и ќе се надополнуваат од терен.

Законот во прво читање помина на Комисијата за европски прашања, со десет гласа за и ниту еден против и возржан.

Членовите на Комисијата од опозицијата се согласија дека има потреба од донесување вакво законско решение, но искажаа повеќе забелешки на предлогот и најавија амандмни за подобрување на текстот на законот. Забележаа дека треба да се остранат сите недостатоци на текстот, со цел како што нагласија, да се избегне политизација на оваа статистичка операција.

Според нив, вака како што е предложен законот остава можност за сомнеж за политичко влијание и побараа организирање јавна расправа со цел да се чуе мислењето на експртите по ова прашање и да се донесе квалитетно законско решение.

Пратениците од власта, пак, истакнаа дека не треба однапред да се даваат квалификации за овој процес. Пописот, нагласија, ни е повеќе од потребен со оглед на тоа што последниот е спроведен пред дваесеттина години.

Законот пред пратениците, претходно го образложи заменик-министерот за правда Агим Нухиу. Тој појасни дека во рамки на оваа статистичка операција ќе можат да се попишат државјани на Република Северна Македонија кои имаат живеалиште или престојувалиште во земјава, без разлика дали во моментот на пописот се наоѓаат во државата или во странство.

За лицата – државјани на Република Северна Македонија кои се на привремена работа или престој во странство податоците од член 10 од овој закон ги дава полнолетно лице на кого најмногу му се познати, при што го дава својот ЕМБГ и ЕМБГ на лицето за кое дава податоци во пописот. За лицата-државјани на Република Северна Македонија кои се на привремена работа или престој во странство ќе се овозможи и самопопишување во периодот од 1 март до 21 април 2020 година на посебна апликација која е достапна на веб страницата на Државниот завод за статистика.

Министерот за правда Бојан Маричиќ, во октомври годинава, кажа дека целта на предлог законот за попис е тоа повеќе да не биде политичко прашање и да имаме модел што ќе се користи и сега и за следните години.

Нашиот концепт е Државниот завод за статистика, како стручно тело, да го спроведе пописот со најсовремените технички и технолошки можности, што ќе чини осум милиони, двојно помалку од предложениот во 2011 година и да има можности сите оние кои живеат во државата или се државјани, а не живеат во државата да бидат попишани, изјави Маричиќ.

Причините за неуспешниот попис во 2011 година, нагласи тој, биле ставени во Извештајот на ЕУ и затоа е ставен со европско знаменце, зошто имаше посебен извештај на ЕУ каде се изнесуваат забелешките кои треба да ги преточиме во закон за да имаме попис по европски стандарди.

Во земјава првиот попис е одржан во 1948 година. Спроведени се осум пописи, а последниот во 2002 година. Во 2011 година почна да се релизира ваква статистичка операција, но, таа беше прекината.