Продажбата на автомобили со дизел мотори во Европа е драстично намалена во првата половина од годинава. Причината е загриженоста кај купувачите околу загадувањето и пониската вредност на тие возила при евентуална препродажба.

Незадоволството кон дизел возилата се шири низ цела Европа, објави Меѓународната агенција за енергетика во најновиот извештај, пренесува Ројтерс.

Пазарниот удел којшто се однесува на продажбата на дизел-возилата во Европската Унија, падна на 36,5 отсто во првата половина од оваа година. Тој параметар лани изнесувал 42,5 отсто, стои во извештаите.

Обемот на продажбата е намален за 16 отсто, т.е. 3,12 милиони автомобили, а во Велика Британија се продадени дури 30 отсто помалку дизел-возила во споредба со истиот период лани.

Во Германија, матичната земја на најголемите светски производители на дизел-автомобили, како што се Фолксваген и Бе-ем-ве, уделот во продажбата на дизел-возила е помал за 31,1 отсто од вкупно продадените автомобили. Тој број лани изнесувал 41,3 отсто.

Европа до 80-те години од минатиот век беше најголемиот пазар на дизел мотори во светот, зошто европските влади се стремеа кон голема ефикасност како би ја регулирале потрошувачката на нафта, а од друга страна ја ограничија емисијата на јаглерод диоксид

Многу од големите европски градови, меѓу кои и Берлин, Лондон и Париз воведоа програми за забрана на дизел-автомобилите, со цел – сузбивање на загадувањето на животната средина.